Жичарата на Водно би требало повторно да биде ставена во функција до крајот на ноември, по целосна реконструкција и безбедносна ревитализација. Градот Скопје информира дека при стручната проверка биле утврдени сериозни недостатоци на дел од клучните компоненти на системот.
По преземањето на функцијата, Градот побарал целосна експертиза од австриската компанија „Допелмајр“, оригиналниот изведувач на жичарата. Според наодите од контролата, било утврдено оштетување на носечките и влечните сајли, како и неисправност на три од четирите безбедносни сензори што го следат движењето на кабините.
Поради состојбата на системот, жичарата е ставена вон функција сè додека не се извршат потребните интервенции и не се потврди дека повторно може безбедно да работи.
„Допелмајр“ ја спроведува реконструкцијата
Договорот за реконструкција е склучен со „Допелмајр“, која треба да го реализира целиот процес. Во рамките на зафатите е предвидена испорака на оригинални резервни делови и ангажирање стручен тим за работа на терен. Дополнително, вработените во јавното претпријатие задолжени за одржување и сервисирање на системот ќе поминат обука.
Планирано е да се воведе и протокол за задолжителен годишен генерален преглед и ремонт, како и редовна замена на виталните компоненти. Од Градот посочуваат дека ваквиот систем на одржување е особено важен бидејќи жичарата на Водно работи во текот на целата година, за разлика од жичарниците во дел од ски-центрите кои се користат сезонски.
Нема враќање во функција без серија проверки
По завршувањето на реконструкцијата, жичарата ќе мора да помине низ детални тестирања и проверки. Повторното пуштање ќе биде можно откако ќе бидат завршени предвидените процедури и ќе биде издаден официјален сертификат за безбедност. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најавил дека првото тест-возење по завршувањето на реконструкцијата ќе го направи лично, заедно со директорот на ЈСП и своите деца.
Крајниот рок за завршување на работите е крајот на ноември. Доколку реконструкцијата, тестирањата и сертификацијата бидат успешно завршени, жичарата повторно би требало да биде достапна за граѓаните и туристите во зимската сезона. Нејзиното работење и понатаму ќе зависи од временските услови. Во денови со силен ветер или други неповолни метеоролошки услови, жичарата нема да сообраќа.