Amplidyne Effect вечерва со концерт во КИЦ: Слободен влез за музичка импровизација и експериментален звук

Мартин Георгиевски, Владимир Мартиновски и Соња Димитриоски ќе ги спојат електронските звучни структури со тамбура, кавал и флејта во концерт што ќе се одвива преку импровизација во живо.

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје вечерва во 20 часот ќе настапи музичкиот проект Amplidyne Effect. На концертот ќе учествуваат Мартин Георгиевски, Владимир Мартиновски на тамбура, кавал и удиралки, и Соња Димитриоски на флејта. Влезот е слободен.

Инструменталната комбинација отвора простор за непосредна интеракција меѓу електронскиот звук и акустичните инструменти, како и меѓу современите експериментални звучни структури и препознатливите звучни бои на тамбурата, кавалот и флејтата.

Преку импровизација, музичарите ќе создаваат заеднички звучен тек во реално време, оставајќи простор за спонтаност, меѓусебно слушање и музичка комуникација. Публиката ќе има можност да проследи импровизациска сесија во која секој звук станува дел од процесот на создавање, а музиката се развива како отворено и неповторливо искуство.

Звукот како простор за истражување, импровизацијата како начин на создавање, а секој настап како единствено музичко искуство – така се опишува светот на Amplidyne Effect, музичкиот проект на Мартин Георгиевски, кој повеќе од 15 години ги истражува границите меѓу електронската, амбиенталната и експерименталната музика.

Преку слободна импровизација, необични звучни текстури и спојување електронски и акустични извори, Amplidyne Effect создава звучни пејзажи во кои музиката постојано се менува, се развива и изненадува. Наместо однапред зададена форма, секоја изведба станува жив процес на откривање, во кој звукот, тишината, атмосферата и непосредната интеракција меѓу музичарите имаат подеднакво значење.

Започнат во 2009 година, проектот се развива преку импровизациски сесии во живо, истражувачки снимања и мултимедијални изведби. Во својата работа, Георгиевски користи разновидни звучни средства, меѓу кои електрични гитари, подготвени инструменти, теренски снимки, синтисајзери, електроника, пиезо-микрофони и неконвенционални извори на звук.

Нивното комбинирање и обработка создава слоевити звучни структури во кои се преплетуваат амбиентални атмосфери, ритмички импулси и експериментални звучни форми, отворајќи простор за постојано истражување на можностите на звукот.

Amplidyne Effect има богата дискографија со повеќе од 30 албуми објавени за меѓународни издавачки куќи, меѓу кои „Трансоник рекордс“, „Шарла рекордс“, „Атенуејшн сајркит“, „Шимеринг мудс рекордс“, „Ејлиен гараж“, „Лагерщете“ и „Твајс римувд“. Дебитантскиот албум „Олдкаст 50#: Блосом“, објавен во 2013 година, произлегува од онлајн-соработка со музичари од Македонија, САД и Аргентина, што ја истакнува отвореноста на проектот кон различни музички средини и форми на заедничко создавање.

Како соло-артист и член на различни музички состави, Мартин Георгиевски настапувал на бројни фестивали и настани, меѓу кои Скопскиот џез-фестивал, „Похода“ во Словачка, „ПНЕМ саунд арт фестивал“ во Холандија, Филозофскиот филмски фестивал, Биеналето на Западен Балкан во Грција, Д Фестивал, „ИмпровЕ“ во Белград и музичката конференција „ПИН“ во Скопје.

Неговото творештво е поврзано и со проектите „Пост глобал трио“ и „Меиса Јонис“, како и со составите „Светлост“ + „Одрон ритуал оркестра“ и „ТРИМА“, преку кои се отвораат различни можности за експериментирање и соработка на современата музичка сцена.


Во пролетта 2026 година, во соработка со Додовски и Спировски, Георгиевски го објави амбиент-џез албумот „Блу меџик ријализам“ за издавачката куќа „ПМГ џез“, продолжувајќи го истражувањето на звучните простори во кои се среќаваат импровизацијата, амбиенталната атмосфера и современиот џез.

е-Трн да боцка во твојот инбокс