Трамп за поразот на републиканците: „Едноставно, не бев на гласачкото ливче“

Американскиот претседател повторно тврди дека неговата партија убедливо ќе победела на изборите доколку и неговото име било на гласачкото ливче. Во меѓувреме, демократите ја презедоа контролата врз двата дома на Конгресот.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно тврдеше дека републиканците немало да ги загубат изборите на средината на претседателскиот мандат доколку неговото име било на гласачкото ливче. Три дена по изборите, на кои демократите ја презедоа контролата врз двата дома на Конгресот, тој објави порака на својата социјална мрежа „Трут соушл“, во која тврди дека неговата партија во тој случај ќе остварела убедлива победа.

„ЕДНОСТАВНО НЕ БЕВ НА ГЛАСАЧКОТО ЛИВЧЕ. ДА БЕВ, УБЕДЛИВО ЌЕ ПОБЕДЕВМЕ!“, објави Трамп.

Речиси идентично тврдење изнесе и во вторникот вечерта, додека пристигнуваа изборните резултати. И тогаш тврдеше дека републиканците убедливо ќе победеле доколку тој лично се кандидирал.

Гласачите не го прифатиле повикот

Во телефонски разговор за „Политико“, Трамп дополнително го објасни своето толкување на изборниот пораз на републиканците. Тој рече дека партијата не успеала да мотивира доволно гласачи да излезат на изборите, а дел од одговорноста им ја припиша и на републиканските кандидати.

„Не бев на гласачкото ливче и не успеавме да ги извадиме луѓето на гласање. Да бев на гласачкото ливче, ќе победевме. Ќе победевме насекаде, и тоа многу лесно“, рече Трамп.

Новинарката Даша Бернс го потсети дека за време на предизборната кампања токму тој ги повикувал републиканските гласачи да гласаат како неговото име да се наоѓа на гласачкото ливче.

Трамп призна дека го правел тоа, но тврдеше дека гласачите не го прифатиле повикот и дека во многу случаи не им се допаѓале републиканските кандидати.

Во кампањата ги повикуваше гласачите да гласаат за неговите кандидати

Пред изборите Трамп одржа низа митинзи низ САД, особено во сојузните држави и изборните окрузи во кои убедливо победи во 2024 година. На митинзите ги повикуваше своите поддржувачи да излезат на гласање и да гласаат за републиканските кандидати како тој лично да се натпреварува.

Претседателот имаше важна улога и во изборот на партиските кандидати, поддржувајќи повеќе политичари на републиканските внатрепартиски избори. Меѓу нив беа Кен Пакстон во Тексас, Дарлин Греам во Јужна Каролина и Мајкл Ватли во Северна Каролина, кои потоа ги загубија изборите за Сенатот.

Според анализата на „Гардијан“, до средата вечерта победиле само 13 од вкупно 26 кандидати за Сенатот што ги поддржал Трамп, додека 11 загубиле, а две трки сè уште не биле завршени. На изборите за гувернери победиле девет од 23 кандидати што ги поддржал, додека 12 загубиле.

Републиканците ги загубија двата дома на Конгресот

Демократите на изборите на 3 ноември ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот. Републиканците загубија во низа важни изборни трки, вклучително и во сојузни држави што со години се сметаа за нивни упоришта.


По изборите Трамп ги отфрли толкувањата дека резултатите претставуваат отфрлање на неговата политика. Во разговорите со новинарите рече дека е подготвен да ги прифати изборните резултати и да соработува со демократите, кои од јануари ќе го контролираат Конгресот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс