Трамп сака да ги спречи идните претседатели да ја менуваат Овалната соба во Белата куќа

Американскиот претседател ја прогласи Овалната соба за национален споменик, тврдејќи дека сака да го заштити нејзиниот историски изглед. Сепак, документот остава простор за идни промени на мебелот и декорацијата

Американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи Овалната соба во Белата куќа за национален споменик, со цел да ги спречи идните претседатели значително да го менуваат нејзиниот изглед. Одлуката доаѓа откако Трамп во текот на својот втор мандат го преуреди претседателскиот кабинет, меѓу другото, додавајќи бројни златни украси, пишува „Би-би-си“.

Во четвртокот Трамп потпиша претседателска прокламација со која посебен статус ѝ додели на Овалната соба и на неколку соседни простории. Тој тврди дека на тој начин сака да заштити еден од најпрепознатливите симболи на американската држава.

„Никој нема да смее да ја допира“

„Ја прогласуваме за национален споменик и никој нема да смее да ја допира, уништува или урива. Тоа би го правеле глупави луѓе само за да изградат нешто со малку поинаков облик“, изјави Трамп пред новинарите. Со прокламацијата се опфатени Овалната соба, просториите непосредно до неа и салата во која претседателот одржува состаноци со членовите на администрацијата.

Трамп порача дека Овалната соба е важен дел од американската историја и дека нејзиниот изглед треба да се зачува.

„Ја сакаме Овалната соба. Таа е симбол, исто како и самата Бела куќа. Тоа е симбол на нашата земја и нејзината големина“, рече претседателот.

Тој додаде дека светските лидери што ја посетиле Белата куќа во последните месеци ги пофалиле промените што ги направил.

Сепак, преуредувањето ќе биде дозволено

Иако Трамп тврди дека идните претседатели нема да смеат да ја менуваат Овалната соба, самиот документ предвидува одредени исклучоци. Во него се наведува дека прогласувањето за национален споменик не ги ограничува претседателските овластувања за менување на мебелот и декорацијата, како и за спроведување вообичаени безбедносни и оперативни измени, под услов тие да не ја нарушуваат историската структура или архитектонскиот карактер на просториите.

Тоа значи дека идните претседатели и понатаму ќе можат да ја уредуваат Овалната соба според сопствените желби, вклучително и да го менуваат мебелот и украсите.

За поголеми зафати што би можеле да го променат историскиот изглед или структурата на просториите ќе бидат предвидени дополнителни проверки.

Трамп тврди дека Белата куќа била оштетена

Во текот на вториот мандат Трамп направи низа промени во Белата куќа. Овалната соба ја опреми со бројни златни детали, а измени беа направени и во други делови од претседателскиот комплекс. Претседателот тврди дека зградата и Овалната соба биле во лоша состојба пред неговите интервенции. Тој спомена оштетени прозорци, напукнати ѕидови и камен што требало да се поправи.

Сепак, многу од промените што ги спроведе се однесуваат на изгледот на просторот, а не на поправка на оштетувањата. Меѓу нив се голема златна плоча со натпис „Овална соба“, поплочувањето на Розовата градина и изградбата на нова хелиодромска платформа.

Администрацијата на Трамп започна и проект за изградба на нова свечена сала на местото на Источното крило на Белата куќа, кое беше урнато. Проектот се соочи со правни оспорувања, но работите продолжуваат.

Може ли Трамп навистина да ги спречи идните промени?

Белата куќа веќе има статус на национално историско обележје. Трамп сега ја искористи претседателската надлежност за прогласување национални споменици за да им обезбеди дополнителна заштита на одредени простории.

Според прокламацијата, за одржувањето и заштитата на овие простории ќе биде задолжена Службата за национални паркови, која треба да води сметка за нивното историско значење и архитектонските карактеристики.

Сепак, правни експерти предупредуваат дека новиот статус не значи дека секој иден претседател ќе биде обврзан да го задржи уредувањето што го направил Трамп.

Грег Веркхајзер од адвокатската канцеларија „Калчрл херитиџ партнерс“, која се занимава со заштита на културното наследство, објасни дека претседателите имаат широки овластувања кога станува збор за привремени промени во Овалната соба.

„Сè додека не ги оштетуваат трајните уметнички дела и архитектурата, во голема мера можат да прават што сакаат“, изјави Веркхајзер за „Би-би-си“.

Правен експерт го обвинува Трамп за лицемерство

Веркхајзер ја нарече одлуката на Трамп лицемерна, оценувајќи дека претседателот истовремено ја занемарува заштитата на други историски локации во Вашингтон. Тој предупреди дека администрацијата на Трамп ги оспорувала законите за заштита на историските објекти, а сега токму зачувувањето на културното наследство го наведува како причина за заштита на Овалната соба.

„Од една страна зборува за важноста на зачувувањето на Овалната соба, што е правно бесмислено бидејќи тој не може да го направи тоа, а од друга страна целосно го уништува законот што ни овозможува да ги зачуваме другите историски места“, изјави Веркхајзер.

Трамп уште во интервју за списанието „Тајм“ во октомври зборуваше за можноста за уривање на Овалната соба поради безбедносните барања на Тајната служба.

„Реков: ’Никако, не можете да градите нова. Ова е посебно место‘“, изјави тогаш.

Обама ги исмеваше златните украси на Трамп

Преуредувањето на Белата куќа од страна на Трамп претходно предизвика критики од демократите, особено за време на кампањата за изборите на средината на претседателскиот мандат. Поранешниот претседател Барак Обама ги коментираше бројните златни украси што Трамп ги постави во Овалната соба.

Тој рече дека поради промените „Белата куќа изгледа како Садам Хусеин да отворил ресторан „Чизкејк фектори“, алудирајќи на раскошното уредување на американскиот синџир ресторани.


Прокламацијата на Трамп од 5 ноември 2026 година предвидува заштита на историските и архитектонските карактеристики на Овалната соба, но изречно им дозволува на идните претседатели да ги менуваат мебелот и декорацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс