Лажни дојави за поставени бомби предизвикаа нарушувања на најмалку 25 летови низ Европа, при што некои авиони беа принудени да извршат итни слетувања. Денешната серија предупредувања влијаела врз летови меѓу Италија, Ирска, Обединетото Кралство, Шпанија, Бугарија, Романија, Полска, Финска, Австрија, Данска, Белгија, Португалија, Франција, Грција, Србија и Чешка.
Сите авиони слетале безбедно, а при проверките на леталата не било пронајдено ништо сомнително.
Овој бран лажни дојави следува по слични закани упатени во вторникот, кога седум авиони низ Европа биле претресени или пренасочени поради злонамерни предупредувања. Во понеделникот, еден лет од Обединетото Кралство кон Бугарија бил пренасочен по закана за која се покажало дека е неоснована. Вкупно, во текот на оваа недела биле погодени околу 33 летови.
Истражителите велат дека засега нема докази оти лажните дојави биле организирани од непријателска терористичка група или државен актер, како Русија или Иран. Истрагите за инцидентите низ Европа продолжуваат. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) ги осуди нарушувањата и ги повика надлежните органи да го откријат изворот на заканите.
„Безбедноста е приоритет број еден за индустријата и ние сериозно ги сфаќаме сите закани“, изјави Ник Карин, виш потпретседател на ИАТА за операции, безбедност и заштита.
Европскиот комесар за транспорт, Апостолос Ѕицикостас, изјави дека е прерано да се каже дали инцидентите се поврзани, но нагласи дека какви било закани насочени кон цивили се неприфатливи.
Кој стои зад заканите?
Агенцијата „Франс прес“ објави дека заканите за поставени бомби, испратени преку електронска пошта до аеродромите во Рим и Софија, биле потпишани од „Борци на машката држава“. Во пораката испраќачите се заканиле со експлозија во рок од 60 минути и упатиле закани кон, како што го нарекле, „феминистичкиот режим“.
„Сите вие сте соучесници во криминален заговор и поради тоа сакаме да ве уништиме. Ние, борците на ’Машката држава‘, со денешните постапки ќе оставиме трага во историјата. Вашиот феминистички режим ќе го памети ова засекогаш. Експлозијата ќе се случи за 60 минути. Денес вашето небо ќе стане црвено“, се наведува во заканувачката порака.
