Жестоки немири во Франција, уапсени 2000 студенти

Протестите на средношколците за подобри услови во училиштата денеска продолжија во повеќе француски градови, а дел од нив беа придружени со пожари и судири со полицијата.
ФОТО EPA/Firas Abdullah

Во Стразбур беше употребен солзавец, во Марсеј кон полицајците беа фрлани пиротехнички средства, а во Рен беа запалени контејнери, јавува Ројтерс.

Инциденти имало и во Пантен, предградие на Париз, каде демонстранти палеле предмети и фрлале петарди кон полициските единици.

Според министерот за правда Жералд Дарманен, од почетокот на протестите биле приведени околу 2.000 луѓе, главно тинејџери. Околу 400 средни училишта денеска биле затворени поради немирите.

Зад протестите стои незадоволството од условите за учење. Француската федерација на родители на ученици, ФЦПЕ, наведува дека движењето започнало на 21 септември поради сериозен недостиг од средства во училиштата и дека секојдневно му се приклучуваат нови установи.

Федерацијата побара од министерот за образование да ги слушне барањата на средношколците. Таа реагираше и на пријавените случаи на повредени ученици и ја поддржа иницијативата на синдикалните организации против полициската репресија врз младите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс