Македонија денес минува низ изразена временска промена со жешко претпладне и попладневна нестабилност, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Максималните дневни температури ќе достигнат до 38 степени, но во попладневните и вечерните часови наместа се очекуваат поројни дождови, грмежи и засилен ветер. Во одредени подрачја процесите ќе прераснат во локално невреме проследено со интензивни врнежи и појава на град.
Мерењата на метеоролошките станици во 11 часот покажаа највисоки вредности во јужниот и централниот дел од земјата. Во Кавадарци живата на термометарот се искачи на 33,0 степени, додека во Демир Капија беа измерени 32,8 степени.
Штип претпладнето забележа 31,8 степени, во Гевгелија беа измерени 31,5 степени, а мерната станица Скопје-Петровец регистрираше 31,3 степени. Најсвежо во претпладневните часови остана на Попова Шапка со измерени 21,9 степени и во Крушево со 24,2 степени.
Во главниот град преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Максималната температура во Скопје ќе достигне 38 степени, при атмосферски притисок од 978 хектопаскали, релативна влажност на воздухот од 21 отсто и ветер со брзина од 5 метри во секунда. УВ индексот изнесува 7.
Во попладневните часови облачноста во скопската котлина ќе се зголеми. Во делови од котлината ќе се создадат услови за пороен дожд, засилен ветер и грмежи.
Послаби услови за краткотрајно невреме ќе има и утре попладне, особено кон крајот на денот. Во среда времето ќе се задржи сончево и топло, но попладне повторно наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, додека во Скопје ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Четврток и петок носат претежно сончево и топло време со слаб до умерен северен ветер. Дневните максимални температури во четврток ќе се движат меѓу 33 и 39 степени, а во петок од 32 до 38 степени. Нова изолирана нестабилност со пороен дожд и грмежи се очекува во сабота, кога ќе дува југоисточен ветер.