Интернет-просторот, а особено социјалните мрежи, денес се места за интензивни политички дебати. Тие им овозможуваат на граѓаните да ги изразуваат своите политички ставови, да се организираат и, понекогаш, директно да комуницираат со политичарите. Иако несомнено имаат потенцијал да ја демократизираат јавната дебата, овие платформи истовремено станаа плодна почва за говор на омраза, токсични интеракции и онлајн насилство.
Со анализа на повеќе од 3,2 милиони реакции на платформата X (поранешен Twitter) упатени кон 88 кандидати на изборите за Европскиот парламент во 2024 година, Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија откри значителни разлики во начинот на кој жените и мажите во политиката се третирани на интернет. Анализата е објавена во Тhe conversation.
Користејќи алгоритам за откривање токсичност, познат како Perspective API, истражувачите го анализирале и бројот и видот на „токсичните“ одговори што ги добивале различните кандидати. Оценката за токсичност на алгоритмот се движи од нула до еден. Таа ја проценува веројатноста читателот одреден текст да го доживее како токсичен, а токсичноста ја дефинира како „груб, непочитувачки или неразумен коментар поради кој некој би можел да ја напушти дискусијата“.
Речиси 80 отсто од анализираните кандидати, кои доаѓале од Франција, Ирска, Италија, Португалија и Шпанија, добиле токсични одговори. Сепак, самите бројки покажаа реална и мерлива родова разлика: кандидатките добивале повеќе токсични одговори во апсолутен број од нивните машки колеги.
Но, кога ги земале предвид разликите во вкупниот број реакции на секоја објава, разликата меѓу мажите и жените во уделот на токсични одговори веќе не бил статистички значаен. Жените објавувале помалку од мажите, но сепак биле адресирани почесто. Со други зборови, нивните профили привлекувале повеќе внимание во целина и токсично и позитивно.
2.700 токсични пораки
За да ја спроведат анализата, ги собрале објавите во кои се споменувал секој од кандидатите, а потоа ги ограничиле податоците на директните одговори на нивните објави. Алгоритмот за откривање токсичност ја оценувал секоја порака и ги издвојувал оние што го надминуваа утврдениот праг за токсичност за дополнително испитување.
Откако алгоритмот ја заврши својата работа, се фокусирале на тоа што всушност пишувало во пораките. Рачно беа кодирани речиси 2.700 од најочигледно токсичните одговори. Станува збор за пораки кај кои автоматизираната алатка регистрирала најголема веројатност за токсичност односно пораки за кои девет од десет луѓе, оценувачи би се согласиле дека се токсични.
Содржината на пораките јасно покажала дека жените и мажите се соочуваат со сосема различни ставови кога ќе влезат во политичкиот простор.
„Замолчи и оди да ги миеш садовите“
Од најочигледно токсичните одговори, 71 отсто биле упатени кон кандидатки. Содржината значително се разликувала од навредите со кои се соочувале машките политичари. Жените биле изложени на лични и понижувачки напади, сексистички навреди, сексуално експлицитни коментари, како и повторени обиди да бидат замолчени или да им се оспори правото воопшто да заземаат простор во политиката. Една од четири кандидатки добила коментари од сексуална природа.
Машките политичари исто така не биле поштедени од навреди. Но, нападите кон нив најчесто се однесувале на нивните политички одлуки, професионалното однесување или карактерот, обвинувања за корупција, нечесност или неспособност.
Целта на нападите биле нивните постапки, а не нивното присуство во јавниот живот.
Оваа разлика е важна. Кога нападот е насочен кон идентитетот, а не кон политиките, тој испраќа сосема поинаква порака. Не значи: „Не се согласувам со тебе“, туку: „Ти не припаѓаш овде.“ Научниците овој феномен го опишуваат како „семиотичко насилство“, форма на насилство што се спроведува преку јазикот и симболите и чија цел е да ги делегитимира жените како политички актери.
Повеќе навреди во една порака
Анализата отиде и чекор понатаму, мерејќи ја таканаречената „интензивност на токсичноста“ – односно бројот на навредливи елементи што се комбинираат во една порака. На пример, порака насочена кон жена може истовремено да содржи сексистичка навреда, сексуална закана, коментар за нејзиното ментално здравје и барање целосно да ја напушти политиката.
Истражувањето покажа дека 62 отсто од токсичните пораки упатени кон жените содржеле два или повеќе вакви елементи. Кај мажите, за споредба, 52 отсто од токсичните пораки содржеле само еден елемент. Повеќекратните напади во една порака имаат поголемо психолошко влијание од една изолирана навреда. Тие испраќаат колективна порака дека присуството на жената во политичкиот простор е непожелно.
Податоците покажале и дека кандидатките од политички партии со левичарска ориентација привлекувале поголем број токсични реакции. Сличен образец е забележан и во истражувања на избори во Бразил, што укажува дека родот и политичката идеологија можат да се испреплетат на начин што го зголемува ризикот од онлајн злоупотреба.
Проблем што не познава граници
Студијата се надоврзува на сè поголем број докази дека непријателството кон жените во политиката на интернет не е проблем ограничен на една земја, една платформа или една политичка култура. Истражувања од Шведска, Нов Зеланд и Холандија покажуваат слични родови обрасци. Жените не секогаш добиваат повеќе навреди во апсолутен број, но навредите што ги добиваат се полични, посексуализирани и почесто насочени кон негирање на нивното право да извршуваат јавна функција.
Последиците се реални. Истражувачите го поврзуваат онлајн насилството со намалената желба на политичарките повторно да се кандидираат, со самоцензура и со целосно повлекување на жените од дигиталниот простор. Кога злоупотребата влијае врз тоа кој ќе се кандидира за функција, таа влијае и врз тоа кој ќе управува со државата.
Европа се обидува да реагира
Европската унија веќе презема чекори за справување со проблемот. Новата директива за насилство врз жените го криминализира сајбер-прогонувањето и онлајн вознемирувањето во сите земји-членки на ЕУ. Дополнително, Актот за дигитални услуги (Digital Services Act), кој стапи во сила во 2024 година, бара од големите онлајн платформи да ги идентификуваат и намалат ризиците за демократските процеси, вклучително и штетите поврзани со родот.
Овие мерки се неопходни, но не се доволни. Политиките за модерирање на содржината на социјалните мрежи треба да го земаат предвид родово специфичното насилство, а не само неговиот обем. Потребни се и подобри алатки за откривање на ваквите напади, кои ќе можат да го разберат контекстот и локалниот јазик. Неопходно е и постојано следење, бидејќи начините на кои се врши онлајн злоупотребата постојано се менуваат, а со нив мора да се менуваат и механизмите за заштита.
Не станува збор само за „повеќе навреди“
Суштината на истражувањето е следна: жените во политиката не се соочуваат само со погласна верзија на истите навреди што ги трпат мажите. Тие се соочуваат со различен вид насилство, насочено кон нивното тело, сексуалноста, личниот живот и идентитет, но и кон самото право да бидат присутни во политиката.
Токму затоа е важно да се направи разлика меѓу политичка критика и родово насочено насилство.
Кога политичар ќе биде наречен неспособен, корумпиран или нечесен, нападот е насочен кон неговата работа или политичко дејствување. Кога политичарката е сексуализирана, понижувана или ѝ се кажува дека треба да се врати дома и да „ги мие садовите“, пораката е поинаква: не се оспорува само нејзината политика, туку нејзиното право да биде таму.