Застанале да наполнат гориво на враќање од одмор и добиле половина милион долари на лотарија

Купувачот пред него на касата го инспирирал 64-годишниот возач да земе неколку инстант лозови, од кои еден криел главна премија.

Обичното застанување за гориво на враќање од одмор заврши со неочекувано богатство за брачен пар од американската сојузна држава Мичиген. Маж на возраст од 64 години освои премија од половина милион долари на инстант лотарија, откако во последен момент решил да купи грепки на бензинска пумпа во градот Стендиш, соопштија претставници на лотаријата на Мичиген.

Добитникот, жител на округот Џенеси, изјави дека првично немал никаков план да игра игри на среќа кога влегол на бензинската пумпа на Шел.

„Со сопругата се враќавме од одмор и застанавме да ставиме бензин. Додека чекав на каса, човекот пред мене купи неколку инстант лозови, што ме поттикна и јас да земам неколку. Купив две грепки ‘Detroit Tigers’ за себе и две ‘Cashword’ за сопругата“, раскажа тој пред претставниците на лотаријата.

Вистинското изненадување следувало истата вечер кога парот се вратил дома и ги изгребал купените грепки.

„Седнавме на масата и почнавме да гребеме. Кога видов дека лозот носи 500.000 долари, не можев да поверувам. Со сопругата го гледавме ливчето повеќепати за да се увериме дека правилно читаме. Мислев дека сум ги разбрал погрешно упатствата и дека станува збор за помала сума“, вели добитникот.

Освоените пари ќе послужат како финансиска сигурност за претстојните пензионерски денови, а среќниот играч најави дека дел од средствата ќе сподели и со своите деца.

„Цел живот работиш за да заштедиш за пензија, па навистина делува нереално во еден ден да ги добиеш истите пари за кои си работел со години“, додаде добитникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс