Од недела дестабилизација на времето: Локални поројни дождови и пад на температурите

По денешниот топлотен пик во Гевгелија и Скопје, од недела попладне и во понеделник следува дестабилизација со локални поројни дождови и пад на температурите.

Мерните станици на Управата за хидрометеоролошки работи попладнево регистрираа максимални 41,6 степени во Гевгелија и 40,5 степени во Демир Капија. Топлотниот бран што ја зафати целата земја веќе од недела попладне ќе премине во нестабилно време со поројни врнежи, грмежи и локална појава на град.

Највисоките вредности денеска се измерени во јужните и централните предели. Во Велес живата на термометарот се искачи до 40 степени, на Зајчев Рид во Скопје до 39,8°C, а во Кавадарци до 39,7°C. Во Скопската Котлина е забележан екстремно висок УВ-индекс 9, при релативна влажност на воздухот од едвај 18 проценти.

Најпријатно време со максимални температури под 30 степени е регистрирано на планинските мерни станици Попова Шапка (23,4°C) и Крушево (29,3°C).

Од недела попладне атмосферата постепено ќе се дестабилизира. Иако преку денот ќе се задржи многу топло време, во попладневните часови ќе има зголемување на облачноста со услови за пороен дожд, засилен ветер и изолирано невреме со град, вклучително и во делови од Скопската Котлина.

Почетокот на работната недела носи изразен пресврт. Во понеделник дневните температури ќе бидат во интервал од 31°C до 38°C, со променлива облачност и локални временски непогоди проследени со силен ветер. Во текот на целата нова седмица максималните температури ќе бележат благ пад за неколку степени, задржувајќи се во рамки меѓу 30°C и 37°C.

е-Трн да боцка во твојот инбокс