Нови пожари избувнаа во текот на ноќта на повеќе локации во Србија, меѓу кои Ниш, Пријеполе и Врање. Во Делиблатска Пескара, каде што деновиве беснеат големи пожари, состојбата е значително подобра, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.
Пријеполе
Во околината на Залуга, во близина на Пријеполе, синоќа избувнал пожар кој зафатил шумски предел. Во гаснењето учествувале припадници на противпожарно-спасувачкиот баталјон од Пријеполе, со помош на цистерни од Јавното комунално претпријатие „Лим“.
Врање
Пожар избувнал и во конакот на манастирот „Свети пророк Илија“ во селото Качапун. Благодарение на брзата интервенција на надлежните служби, пожарот бил локализиран и било спречено неговото ширење кон манастирскиот комплекс.
Во гаснењето, покрај пожарникарите, помогнало и локалното население.
Ниш
Пожар на ниска вегетација избувнал и во Ниш, во пределот меѓу населбите „9 Мај“ и „Милка Протиќ“. Во пожарот изгорело и едно возило, но нема повредени лица. Пожарот бил брзо локализиран од пожарникарските екипи.
Делиблатска Пескара – состојбата е подобра
Најголемото внимание и понатаму е насочено кон Делиблатска Пескара, каде што деновиве се води голема борба со пожарите. Началникот на Секторот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјавил дека состојбата е значително поповолна во однос на претходните денови. На терен се ангажирани 485 припадници на сите служби, 33 работни машини и пет хеликоптери.
Надлежните продолжуваат со гаснењето и контролата на пожарот, додека во останатите делови од Србија е зголемено вниманието поради високата опасност од нови пожари.