Топлото море и топењето на морскиот мраз отвораат нови живеалишта за китовите, но истовремено ги загрозуваат видовите зависни од арктичкиот мраз.
На источниот брег на Гренланд исчезнувањето на морскиот мраз им овозможило на големите китови да навлезат во области каде што со децении не биле забележувани. Научниците сметаат дека нивното присуство е знак за големи промени во арктичкиот екосистем.
Потоплото море и намалувањето на ледената покривка создадоа услови за поголема достапност на храна. Истражувањата покажуваат значителен пораст на бројот на забележани китови, особено грбавите китови. До 2006 година тие не биле регистрирани во истражуваното подрачје, додека до 2024 година биле забележани околу 150 пати.
Според научниците, во текот на летото 2024 година Гренландското Море го посетиле илјадници грбави, перјасти и ситни китови. Истражувачите проценуваат дека овие три видови во текот на летото консумираат стотици илјади тони риба и крил.
Водителот на истражувањето, професорот Мадс Петер Хајде-Јоргенсен, вели дека промените се меѓу најрадикалните што се забележуваат во субарктичкиот појас. Сепак, научниците предупредуваат дека новите услови не се поволни за сите видови.
Нарвалите и белугите, кои го делат истото живеалиште, би можеле да бидат истиснати од новодојдените видови. Според научниците, климатските промени за некои животни создаваат нови можности, но за други значат губење на нивното природно живеалиште.
Истражувањето е објавено во научното списание „Фронтиерс ин марин сајенс“.