Жените во Македонија сè уште се соочуваат со дискриминација, мобинг, вознемирување на работното место и несигурност при мајчинство, беше порачано на конференцијата „Жените, трудот и социјалната правда“, организирана од Сојузот на синдикатите на Македонија преку Секцијата на жените на ССМ, во партнерство со Фондацијата „Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје“.
На конференцијата беше истакнато дека е потребна појасна и поефикасна примена на регулативата што се однесува на мобингот и дискриминацијата на работното место. Според учесниците, сегашните процедури за докажување на ваквите случаи се комплицирани, а жените често не знаат кои чекори треба да ги преземат и кому да се обратат.
Претседателката на Секцијата на жените при ССМ, Ивана Димитрова, рече дека законите забрануваат дискриминација и вознемирување, но проблемот е нивната примена во реалноста.
„Потребна е алатка, односно правец за една жена, доколку се чувствува вознемирено или дискриминирано на работа, кои се следните чекори за докажување на тоа, како да се справи и кому да му се обрати“, изјави Димитрова.
Посебно беше нагласен проблемот со жените ангажирани на договори на определено време. Според ССМ, работодавачите често го користат истекот на договорот како образложение за прекин на работниот ангажман кај жени што се бремени или заминуваат на породилно отсуство.
„Работодавачите го користат договорот на определено време, доколку некоја жена е бремена, да ѝ го прекинат работниот ангажман со образложение дека истекол договорот, а не поради мајчинството. Таа останува буквално на улица“, рече Димитрова.
ССМ бара подобра заштита на жените при родителство и можност ова прашање дополнително да се регулира преку колективните договори, со цел мајчинството да не биде причина за губење работа.
На конференцијата беше посочен и проблемот со разликите во платите меѓу мажите и жените. Според Димитрова, во зависност од професијата, разликата за иста позиција може да изнесува од 20 до 30 проценти. ССМ најавува кампањи за еднаквост на платите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека до Сојузот пристигнуваат пријави од жени за мобинг, како и за физичко и сексуално вознемирување на работното место.
„Законот за мобинг не нуди достапна заштита на работното место. Има комплицирани процедури, кои треба да се запазат, да докажувате, да обезбедувате докази и слично“, рече Трендафилов.
Тој додаде дека во ССМ се прават напори жените да имаат 50 проценти застапеност во органите на одлучување, не само формално, туку и суштински, преку еднакво учество во носењето одлуки, дебатите, протестите и синдикалните активности.
Конференцијата „Жените, трудот и социјалната правда“ се одржа во рамки на активностите за одбележување 80 години од основањето на ССМ и осум децении синдикална борба во Македонија.