Разорни последици во Колумбија: Потврдени 53 жртви, спасувачките екипи се на терен

Загинатите се од повеќе региони, а најтешко е погоден департманот Ваље дел Каука каде што животот го загубија 27 лица.
Фото: EPA/ERNESTO GUZMAN JR

Најмалку 53 лица го загубија животот во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија, соопштија локалните власти. Спасувачките тимови и итноте служби се на терен во погодените региони, додека проценката на штетите и пребарувањето под урнатините сè уште траат, поради што властите стравуваат дека бројот на жртвите може дополнително да порасне.

Според официјалните податоци од терен, најтешко е погоден департманот Ваље дел Каука, каде што се наоѓа градот Кали, со потврдени 27 смртни случаи. Голема штета и човечки жртви се забележани и во Переира, главниот град на департманот Рисаралда, каде што загинаа најмалку 18 луѓе.

Гувернерката на департманот Чоко, Нубиа Каролина Кордоба, потврди четири смртни случаи во оваа област, која воедно беше и епицентар на разорниот земјотрес. Во Манизалес, главниот град на департманот Калдас, властите потврдија уште три жртви. Дополнително, еден 73-годишен маж го загуби животот во Тамесис, во департманот Антиокија, откако врз него паднала карпа предизвикана од одрон за време на потресот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс