Боледувањата ја чинат Европа до 810 милијарди евра годишно

Просечниот вработен во Европската унија годишно поминува речиси три недели на боледување. Тоа ја чини економијата до 810 милијарди евра. Нов извештај покажува дека голем дел од отсуствата можеле да се спречат или скратат со навремена превенција и лекување.

Отсуствата од работа поради боледување ја чинат Европската унија до 810 милијарди евра секоја година, покажува нов извештај на Институтот за животна средина и јавно здравје. Просечниот европски вработен годишно пропушта речиси три недели работа поради болест. Тоа е околу 6 отсто од вкупното можно работно време во Унијата.

Само изгубените трошоци за труд изнесуваат околу 540 милијарди евра годишно, или 2,9 отсто од бруто-домашниот производ на ЕУ во 2025 година. Сепак, оваа бројка го покажува само делот од економската штета. Пресметката ги опфаќа само отсуствата на луѓето што сè уште се водат како вработени со полно работно време, без целосниот трошок од долготрајните болести.

Кога некој ќе мора да го скрати работното време или целосно да го напушти пазарот на трудот поради болест, тоа повеќе не се евидентира како боледување. Причините се различни, од вирусни инфекции до проблеми со менталното здравје или карцином.

Последиците одат подалеку од самото изгубено работно време. Кога луѓето не можат да работат, паѓа економското производство, а работодавците и колегите мора да го надоместат нивното отсуство. Тоа значи нови вработувања на замена или прекувремена работа за другите.

Подолгите боледувања може да ги натераат луѓето и трајно да го напуштат пазарот на трудот. Тоа ги намалува приходите од даноци и ги зголемува трошоците за социјално осигурување. Кога ќе се вклучат овие директни и индиректни трошоци, извештајот пресметува дополнителни 135 до 270 милијарди евра годишно, со што вкупниот трошок се искачува на 675 до 810 милијарди евра.

Авторите на извештајот, претставен во Европскиот парламент во Брисел, предупредуваат на драстични разлики меѓу земјите. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во 2025 година најдолго просечно боледување имала Словенија, со нешто повеќе од пет недели по вработен. Следуваат Финска и Шпанија со околу пет недели.

Во Франција, Шведска и Германија просекот е нешто над три недели. Во Италија и Грција вработените со полно работно време отсуствуваат помалку од една недела годишно. Сепак, овие бројки не значат дека некое население е поздраво од друго.

Помалку боледувања може да значат и поздраво население, но може да се должат и на ниски надоместоци, слаба заштита на работниците или на луѓе што одат на работа иако се болни.

Најчести причини за отсуство се лошото ментално здравје, болестите на мускулите и коските, несреќите и хроничните болести. Според извештајот, голем дел од овие отсуства може да се спречат или скратат, бидејќи се поврзани со состојби каде превенцијата, навременото лекување и рехабилитацијата го намалуваат и ризикот и времетраењето на боледувањето.


Меѓу мерките што ги предлагаат авторите се подобра ергономија на работното место, порана помош за проблеми со менталното здравје и побрз пристап до примарна здравствена заштита и физиотерапија. Тие предлагаат и навремено откривање на ризиците. Превенцијата не е бесплатна, велат авторите, но доколку се спроведе правилно, придобивките би биле поголеми од трошоците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс