Најмалку 164 лица загинаа, а 971 се повредени во двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела, соопшти вршителката на должноста претседател Делси Родригез. Властите предупредуваат дека бројот на жртви најверојатно ќе расте, бидејќи спасувачките екипи сè уште трагаат по преживеани под урнатините на десетици оштетени и урнати објекти.
Најсилниот земјотрес, со јачина од 7,5 степени според Рихтер, се случил само 39 секунди по првиот потрес со магнитуда од 7,2 степени, што дополнително ги зголемило разурнувањата.
Карaкас во хаос
Жителите на главниот град Каракас сведочат за сцени на паника и уништување. Еден жител, кој го преживеал и силниот земјотрес од 1967 година, изјавил дека никогаш досега не видел толкави последици.
Друг очевидец, кој успеал да се извлече од оштетена зграда, ја опишал ситуацијата како „сцена од хорор филм“.
САД испраќаат спасувачки тимови
Американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека САД веќе испратиле спасувачки тимови во Венецуела и дека дополнително ќе бидат распоредени ресурси на главниот аеродром, кој, според него, е сериозно оштетен.
Нов удар врз економијата
Катастрофата доаѓа во исклучително тежок период за Венецуела, која веќе се соочува со длабока политичка и економска криза.
Родригез изјави дека е во координација со Меѓународниот монетарен фонд за формирање почетен фонд за итна помош во вредност од 200 милиони долари, кој треба да помогне во справувањето со последиците од катастрофата.