Според последните информации на германскиот „Скај“, неговата здравствена состојба е стабилна.
Како што пренесуваат германските медиуми „Билд“ и „Скај спорт“, инцидентот се случил во тренинг-центарот на Баерн на улицата „Зебенер штрасе“. Компани, по тренингот на првиот тим, сакал да го следи и тренингот на младинскиот состав до 23 години, кога ненадејно му се слошило и колабирал.
На местото веднаш била повикана итна медицинска помош, а во 15:54 часот бил ангажиран и спасувачки хеликоптер. Четириесетгодишниот белгиски стратег потоа бил пренесен со амбулантно возило во болница.
Според германскиот јавен сервис BR24, Баерн Минхен го потврдил инцидентот. Засега нема детални официјални информации за причината за колапсот
Со денови се борел со силна вирусна инфекција
Компани во изминатите денови имал сериозни здравствени проблеми поради вирусна инфекција, поради која пропуштил неколку тренинзи и прес-конференцијата пред натпреварот против Арсенал во Лигата на шампионите.
Неговиот помошник Арон Денкс тогаш изјавил дека е исклучително важно Компани да одмора, откривајќи дека тренерот чувствувал и болки во нозете.
И покрај здравствените проблеми, белгискиот стратег се вратил на клупата за натпреварот против Арсенал, кој завршил нерешено 2:2.
По натпреварот, Компани признал дека ја потценил болеста и не му дозволил на организмот доволно време за закрепнување.
„Минатата недела добив прилично тежок вирус, но не го слушав сопственото тело. Во еден момент телото едноставно ми кажа: Сега престани!“, изјавил тренерот.
Засега не е потврдено дали денешниот колапс е директно поврзан со претходната вирусна инфекција.
Веста предизвика загриженост во германската фудбалска јавност, додека се очекуваат дополнителни информации за неговата здравствена состојба.
