Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала ја потресе Австрија рано утринава, а потресите биле почувствувани и во делови од Словенија. Земјотресот се случил во 1:59 часот по полноќ, со епицентар во областа Семеринг, на длабочина од околу четири километри. Австриската геолошка служба „Геосфера Австрија“ соопшти дека добила голем број пријави од граѓани во источниот дел на Долна Австрија и Штаерска.
Лесно подземно тресење било почувствувано и во Виена, според австриските медиуми.
Потресот предизвикал помала материјална штета. Пожарникарите интервенирале на патниот правец меѓу местата Шотвин и Брајтенштајн, каде што неколку карпи се одрониле на коловозот. Нема информации за посериозно повредени лица.
Регистриран и во Словенија
Земјотресот го регистрирале и сеизмолошките инструменти на словенечката Агенција за животна средина (ARSO). Според проценките на словенечките експерти, потресот во северозападните делови на земјата бил почувствуван со интензитет до трет степен според Европската макросеизмичка скала.
Властите продолжуваат со следење на состојбата и можните последователни потреси.