Земјотрес со магнитуда од 5,4 степени ја погоди денеска, 24 септември, областа Шанлиурфа во југоисточна Турција. Според турската агенција за управување со катастрофи АФАД, епицентарот бил во округот Караќопру, а потресот се случил во 10:40 часот по локално време, на длабочина од седум километри.
Потресот бил почувствуван и во околните области. Гувернерот на Шанлиурфа, Хасан Шилдак, соопштил дека при првичните проверки нема потврдени загинати, повредени или урнати објекти. Проверките на терен продолжуваат. Поради земјотресот, наставата во училиштата и работата на градинките во покраината се прекинати за денеска.
Во првичните медиумски извештаи јачината беше наведена како 5,5 степени, но во објавените податоци на АФАД земјотресот е регистриран со магнитуда од 5,4. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) го оценува на 5,3 степени. (deprem.afad.gov.tr)