Од понеделник железничкиот сообраќај кон Битола, Велес и Гевгелија ќе е во прекин десет дена

Патниците од три града привремено остануваат без возови поради пренасочување на гарнитурите за потребите на градскиот воз во Скопје

Патниците што ја користат железницата од Скопје кон Велес, Битола и Гевгелија од понеделник ќе останат без редовен превоз, поради завршните градежни работи за проектот „Градски воз“.

Од 22 јуни до 1 јули привремено ќе бидат укинати патничките возови што сообраќаат на јужниот железнички правец, информира Јавното претпријатие ЖРСМ Инфраструктура.

Работите ќе се изведуваат на пругата Скопје – Велес, поточно на делницата од Железничката станица во Скопје до станицата Зелениково. Поради потребата пругата да биде ослободена за градежните активности, десетина дена нема да сообраќаат повеќе редовни линии.

Од Скопје кон Гевгелија се укинуваат возовите што тргнуваат во 6:20 и во 16:55 часот. Од Гевгелија кон Скопје нема да сообраќаат возовите со поаѓање во 4:30 и во 17:02 часот.

На релацијата Скопје – Битола се укинуваат утринскиот воз во 7:06 и вечерниот во 20:05 часот. Во обратен правец нема да сообраќаат возовите од Битола во 3:10 и во 18:22 часот.

Прекинот го опфаќа и возот од Битола кон Велес во 12:46 часот, како и линијата Велес – Битола со поаѓање во 15:25 часот.

Од Скопје кон Велес нема да сообраќа вечерниот воз во 22:40 часот, додека од Велес кон главниот град се укинува утринската линија во 5 часот.

Привременото укинување на возовите ќе ги погоди патниците што железничкиот превоз го користат за работа, студирање и секојдневно патување, особено во услови кога на дел од релациите нема чести и евтини алтернативи.

Работите се дел од проектот за воспоставување градски железнички превоз во Скопје, кој треба да ги поврзе главната железничка станица, приградските населби и околните општини.

Редовниот патнички сообраќај на укинатите линии треба повторно да се воспостави по завршувањето на работите, односно по 1 јули.

е-Трн да боцка во твојот инбокс