Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го смени врховниот командант на вооружените сили, Александар Сирски и на негово место го именуваше генерал-мајорот Михаило Драпатиј. Одлуката дојде по неколкудневни протести во Киев, во кои демонстрантите бараа отповикување на Сирски и враќање на поранешниот министер за одбрана Михаило Федоров.
Демонстрантите во Киев го обвинуваа Сирски за ригидна, советска командна култура и бараа негово отповикување. Паралелно, барaа враќање на поранешниот министер за одбрана Михаило Федоров, кој се залагаше за модернизација на војската. Отстранувањето на Федоров, според пишувањето на НБЦ њуз, ја предизвика најтешката лидерска криза во дотогашниот мандат на Зеленски.
Драпатиј не е непознато име на фронтот. Во 2014 година, како командант на баталјон од 72-та одделна механизирана бригада, учествуваше во спасувањето опколени функционери во Мариупол. Подоцна ги предводеше силите кои го запреа руското напредување кон Кривој Рог, а во 2024 година ја организираше одбраната на Харковска област.
„Ќе работам одговорно, со целосна фокусираност и со почит кон луѓето кои денес ја бранат нашата земја,” напиша Драпатиј на Фејсбук по именувањето. Зеленски разговарал со Сирски за неговата понатамошна служба, но за него засега не е соопштена нова функција.
Само неколку часа по именувањето, руските власти издадоа налог за апсење на Драпатиј, пренесоа руските државни медиуми во вторникот навечер, а веста ja пренесе The Moscow Times.
Војната влегува во својата петта година, а Украина се обидува да добие предност со напади врз руските енергетски и логистички капацитети. Војската мора да ги одржува операциите на фронтот, паралелно со внатрешните дебати за модернизација и командна култура.