Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец, за време на посетата на Киев на рускиот милијардер Роман Абрамович, побарал од него да му пренесе порака на рускиот претседател Владимир Путин дека е подготвен за нивна прва директна билатерална средба од почетокот на војната, објави весникот Financial Times.
Повикот, според извори запознаени со случајот, имал цел да ја покаже подготвеноста на Киев за директни мировни преговори со Москва, во период кога американските напори за постигнување примирје се ставени во втор план поради кризата на Блискиот Исток.
Путин во петокот изјави дека на 21 мај се сретнал со „еден претставник на деловните кругови“ кој штотуку се вратил од Киев и кој му пренел дека не гледа смисла во средба со Зеленски. Рускиот лидер нагласил дека бизнисменот не дејствувал во официјално својство.
Путин не гледа причина за средба
Кабинетот на Зеленски одбил да ги коментира наводите, додека Кремљ и портпаролот на Абрамович не одговориле веднаш на барањата за коментар. Абрамович уште од почетокот на војната има улога во посредничките напори меѓу Москва и Киев. Тој учествуваше и во договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море во 2022 година.
Иако неговата улога стана помалку видлива откако Русија започна директни разговори со САД, извори блиски до Абрамович тврдат дека тој и понатаму е вклучен во размена на заробеници и други контакти меѓу Русија и Украина, како и во разговори поврзани со американската мировна иницијатива.
„Потребен е бидејќи е единствениот Русин што двете страни се подготвени да го толерираат. Добро се согласува со сите“, изјавил извор за „Фајненшл тајмс“.
Зеленски и понатаму бара директни преговори
Во последните недели Зеленски продолжува да повикува на директна средба со Путин и покрај ограничениот напредок во мировните напори. Според двајца високи украински функционери, пораката што Зеленски ја испратил преку Абрамович била речиси идентична со отвореното писмо што украинскиот претседател го објави минатата недела.
Во писмото, Зеленски го повика Путин на директни преговори и порача дека Украина е подготвена да го почитува примирјето за време на разговорите. Путин возврати дека во моментов не гледа „никаква смисла“ во таква средба, оценувајќи дека претходните директни контакти не донеле конкретни резултати.
По таа изјава, Зеленски го обвини рускиот претседател дека нема вистински интерес за завршување на војната и порача дека многу земји во светот се разочарани од реакцијата на Москва.