Третата конференција на високо ниво на генерални директори на царини од Западниот Балкан и државите-членки на Европската Унија денеска се одржа во Атина, при што во фокусот беа Зелените коридори како важна алатка за олеснување на трговијата и забрзување на економската интеграција со единствениот европски пазар.
Настанот беше организиран од Независниот орган за јавни приходи на Грција, Секретаријатот на ЦЕФТА преку проектот SEED+ и Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница. Учесниците оценија дека Зелените и Сините коридори претставуваат конкретен чекор кон поефикасна трговија, намалување на административните бариери и подобра поврзаност меѓу земјите од регионот и Европската Унија.

Гувернерот на Независниот орган за јавни приходи на Грција, Георгос Пицалис, истакна дека царинската соработка има клучна улога во зајакнувањето на регионалната стабилност, економската отпорност и европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Според него, современите царински администрации имаат многу поширока улога од контролата на границите, бидејќи придонесуваат за заштита на јавните приходи, олеснување на легалната трговија и зајакнување на безбедноста на синџирите на снабдување.
„Преку иницијативи како Зелените коридори, размената на информации пред пристигнување, интероперабилните системи и усогласувањето со европските стандарди, создаваме услови за побезбедно и поефикасно царинско опкружување“, порача Пицалис.
Генералниот директор на Грчкото царинство и акцизи, Димитриос Бурикос, нагласи дека конференцијата претставува значаен чекор во зајакнувањето на соработката меѓу царинските администрации од регионот и Европската Унија.
Тој посочи дека учесниците направиле анализа на досегашните резултати и го утврдиле патот за понатамошна интеграција на царинските системи на Западен Балкан во европскиот царински екосистем.
Конференцијата потврди дека Зелените коридори остануваат една од најважните иницијативи за забрзување на прекуграничниот транспорт, намалување на времето на чекање и олеснување на движењето на стоки меѓу земјите од регионот и Европската Унија. Со нивното понатамошно развивање се очекува дополнително подобрување на трговската размена, конкурентноста и економската интеграција на Западен Балкан со европскиот пазар.