Веќе 13-та година по ред, живиот град Скопје со нетрпение ги пречекува музичките ентузијасти од блиску и подалеку на несекојдневна прослава на талентот и креативноста. Младинскиот културен центар со гордост го претставува својот реномиран меѓународен музички фестивал, „Здраво млади“,настан кој стана синоним за откривање на скриени музички скапоцени камења. Иако многу фестивали може да покажат врвни топ листи и познати имиња, овој уникатен собир го става центарот на вниманието на нешто поинакво – волшебните звуци на бендови кои не се широко признати, но несомнено исклучителни. Тоа е фестивал кој ги бара најдобро чуваните тајни на глобалната музичка сцена, доказ за моќта на музиката да ги надминува границите и да ги плени срцата.
„Кога пред 13 години се екипиравме како тим во МКЦ, сфативме дека МКЦ веќе организира театарски фестивал – МОТ, филмски фестивал – СИНЕДЕЈС, а дека нема музички фестивал.
Идејата се роди во 2010 година, имавме букирано два бенда од америка во два дена за април 2011 и успеавме да креираме програма во два дена, со 12 изведувачи и така на 22ри и 23ти април 2011 се реализирање првото издание на фестивалот Здраво Млади“, изјави Владица Младеновски, музички уредник на Здраво млади за читателите на Трн.
Трн: МКЦ е институција што секогаш дава шанса на сите оние што нешто значат во културната сфера. Колку време си во МКЦ и дали можеш ти да дадеш свој пресек за МКЦ како институција? Што е генералната мисија на овој центар и каде ти визионерски го гледаш во иднината?
Владица: Во МКЦ сум од 2009 година, и за мене од секогаш била најзначајна културна установа во Скопје, слободно можам да кажам и во Македонија. Домот игра многу важна улога како за креаторите на програмата, уметниците, артистите кои својата уметност и креација ја претставуваат преку центарот, а не помалку важно и за публиката, граѓаните во минатите 5 декади. Секоја генерација скопјанки и скопјани кои имаат афинитети кон култура и уметност на некаков начин се врзани со МКЦ и имаат спомени и сеќавања со таа зграда на Кеј Димитар Влахов 15.
Ние како тим, веќе 10тина години сме активни во креирањето на културната понуда, и сметам дека оставивме сериозен белег во живеењето на Градот. Успеавме да ја збогатиме понудата, да создадеме сериозен тим, да станеме релевантна институција во, но и надвор од Македонија, па со самото тоа станавме и членка на LIVEUROPE мрежата која обединува 22 легендарни концертни сали од Европа, а можеме да се пофалиме дека сме единствена членка која доаѓа од NON EU земја. Во моментов Домот поминува низ разни премрежја и искрено не можам најчисто да ја видам иднината на МКЦ, но секако гледам позитивно и верувам дека ќе се расчисти маглата и ќе одиме напред кон лансирање на МКЦ во вселената.
Трн: По што се разликува овој фестивал од останатите?
Владица: Ние сакаме да веруваме дека сме „посебен“ фестивал J
Сметам дека сме уникатен фестивал пред се’ поради два фактора, а тоа се:
1. Публика
2. Програма
На кратко:
Публиката на Здраво Млади се музички сладокусци, љубопитни луѓе, екипа која сака да восприеми нешто ново и поинакво. И слободно можам да кажам, имаме многу фина публика, некогаш размислуваме дека можеби не ни е потребно ни обезбедување.
Програмата е втора работа која не прави да се разликуваме од останатите, не намерно, туку едноставно мотото на фестивалот е new music first и креираме програма која не е ограничена од жанровски аспект, на Здраво Млади настапуваат артисти со секаков и различен музички бекграунд. Едноставно селектираме бендови кои во најголем број случаи најверојатно не би биле селектирани на други фестивали во МКД. Исто така, немаме амбиција да прераснеме во „голем“ фестивал, туку многу органски си го „одгледуваме“ фестивалот. Свесни сме дека можеме да букираме некој артист кој би ни донел поголема продажба на карти, но, доколку не ни влага во зацртаниот концепт, избираме да не го направиме тоа.
Трн: Како ги избираш бендовите и уметниците кои настапуваат на фестивалот и по кои критериуми?
Владица: Како што кажав, мотото на фестивалот е NEW MUSIC FIRST и процесот на селекција на бендови е долготраен и многу интересен процес. Слушаме музика, следиме што се случува кај нас, во регионот и пошироко и програмата некако се реди сама. Доколку ни дозволува буџетот, имало и години кога силно сме сакале некој бенд кој е можеби малку по популарен, па доколку ни успеал букингот ја надоврзуваме програмата на тој артист. Веќе ја конципираме и програмата за следната година.
Трн: Какви видови музички жанрови и стилови има на фестивалот?
Владица: Најдобро можеби да се опише програмата на Здраво Млади ја отслика нашиот драг пријател и соработник Гоце Илиевски со дизајнот за фестивалот минатата година. Доколку го памтите постерот, овоземски друид преку космичките канали прави магичен напиток кој се служи во форма на звучно насладување на фестивалот. Или што би рекле нашите другари од Stuttgart Online – за секого по нешто, за никого по ништо.
Трн: Какво влијание мислиш дека фестивалот има врз локалната заедница и нејзината културна сцена, како и врз бендовите и музичарите учесници?
Владица: После првото издание, се договоривме со екипата од МКЦ: Доколку за 10 години, немаме публика од 500 луѓе на необјавена програма, ќе го згаснеме фестивалот и нема повеќе да го организираме. Еве ја 13та година по ред, Здраво Млади успеа да создаде следбеници, публика, фанови… најверојатно успеавме, барем сега за сега. Околу творците, креаторите, музичарите… Здраво Млади стана битно, интересно, да не претерам, престижно место за настап. Ние секогаш се трудиме да инволвираме нови креативци да учествуваат на фестивалот на некаков начин. Дизајните на Здраво Млади сакаме да ги создаваат нови уметници, дизајнери, па само ќе напоменам дека дизајн за Здраво Млади правеле Иван Петрушевски – Флим, Ѓорѓи Јаневски, Кристина Горовска, Гоце Илиевски, Ристо Аврамовски, екипата од Fabricca, а за едно издание имавме и отворен конкурс на кое добивме преку 100 решенија, а првото место и припадна на Катја Штркова. Низ годините назад организирамве и изложби кои беа отварани на фестивалот, а секако, секоја година селектираме до 3 македонски изведувачи кои минатата година оставиле некаков творечки печат.
Трн: Дали би можел да споделиш незаборавни моменти или изведби од минатите изданија на фестивалот што ви се издвојуваат?
Искрено, не би можел, јас секое издание го доживувам незаборавно. Можеби би издвоил интересен факт дека годината кога настапија SLOWDIVE од Англија, времето не ни одеше во прилог и направивме некои измени на програмата „во лет“ и пола концерт врнеше неверојатен дожд… после концертот тур менаџерот дојде и ни кажа дека ова е прв концерт на SLOWDIVE на дожд J Бенд од Англија, прв концерт на дожд??!?! Истото издание, можда се случи и еден од најепските перформанси на Здраво Млади, а тоа е настапот на King Khan and The Shrines од Канада кои стигнаа во МКЦ во 02:00 после полноќ, претходниот ден настапиле во Букурешт и го промашувале патот накај СКопје неколку пати, а настапот им почна во 05:00 сабајле пред некои 50тина ентузијасти кои сигурен сум го памтат концертот до денес.
Трн: Како ја гледаш иднината на фестивалот и дали има планови за проширување или нови иницијативи?
Владица: Музички фестивал е жива материја и мора да се обликува и моделира на различни начини. Според мене не постои нешто како формула за успешен фестивал. Мора да се следат трендовите, промените, новото време… Идеи постојат, знаеме дека сакаме да останеме мал, квалитетен boutique style фестивал, сакаме од следната година да вратиме една фестивалска бина да биде курирана од страна на некој од нашите братско сестрински фестивали како Plissken Festival од Атина, Le Guess Who? Од Утрехт, Beaches Brew од Равена… во минатото имавме издание на кое програмата беше курирана од сега непостоечкиот Dis Patch festival од Белград. Оваа година имаме соработка и „мини“ изданија во Белград и во Софија со нашите соработници од Changeover festival од Белград и Alarma Punk Jazz од Софија кои ќе се оддржат на 22ри и 24ти септември…
имаме идеи имаме планови, ќе биде подобро!
Трн: Која е просечна возраст на учесниците и организаторите во Здрави млади?
Владица: Сите се млади! J
Трн: Како оди продажбата на билети или можеби веќе се распродадени?
Владица: Продажбата на биелти оди одлично и би рекол стандардно. Не сме распродадени се’ уште, но со оглед на тоа дека ова издание ќе се одржи внатре во МКЦ на неколку фестивалси бини и капацитетот е малку по ограничен отколку како во минатите неколку години кога фестивалот се оддржуваше во Парк МКЦ, верувам дека ќе бидеме распродадени. Би додал дека Здраво Млади секогаш гравитирал околу МКЦ, така да во минатите 12 изданија сме го „шетале“ фестивалот од плато МКЦ, преку Улицата на Кеј Димитар Влахов, Хол МКЦ, Дансинг Сала, Парк МКЦ…. оваа година изданието ќе го реализираме во МКЦ на неколку фестивалски бини.
Трн: Рап или техно?
Владица: Имам два сина на возраст од 11 и 7 години, ќе оставам на читателите да погодат.
Насловна фотографија: Стефан Самандов