Британскиот актер Ијан Меккелен повторно се појави во улогата на волшебникот Гандалф на сетот на претстојниот филм „Господар на прстените: Потрагата по Голум“. Кратки видео-материјали објавени на социјалната мрежа Икс на 17 септември покажаа дел од продукцијата на отворено, со што дефинитивно се потврди неговото физичко присуство пред камерите за новиот проект од светот на Џ.Р.Р. Толкин.
🚨 BREAKING: The first look at Sir Ian McKellen as Gandalf on the set of “The Lord of the Rings: The Hunt for Gollum” has been released. 🎬 pic.twitter.com/slCulgs2vS
— Tolkien Universe (@Tolkienuniverse) September 17, 2026
Видеата кои протекоа преку профилот „Tolkien Universe“ на Икс го покажуваат Меккелен на снимањето со препознатливата брада. Сцените се снимаат на отворен простор со зеленило и камени предели, опкружени со филмска екипа, камери и заштитни шатори. Актерот, кој сега има 87 години, веќе извесно време најавуваше дека добил повик за враќање, но ова се првите конкретни визуелни докази од самиот сет.
Продукцискиот тим користи природни локации кои визуелно наликуваат на пејзажите од оригиналната трилогија.
Режисерската палка на овој проект ја држи Енди Серкис, кој истовремено ја репризира улогата на Голум преку технологија за фаќање на движењата. Питер Џексон, Френ Волш и Филипа Бојенс се потпишани како продуценти и директно учествуваат во обликувањето на сценариото.
Дејството се фокусира на периодот непосредно пред настаните во „Дружината на прстенот“. Приказната ги следи напорите на Гандалф и Арагорн да го пронајдат Голум пред тој да падне во рацете на силите на Саурон и да ја открие тајната за Единствениот прстен.
Студиото „Ворнер Брос“ првично ја таргетираше 2026 година, но распоредот на продукцијата го помести датумот на излегување кон крајот на следната година. Филмот треба да пристигне во светските кина во декември 2027 година.
Враќањето на Меккелен доаѓа по неговите претходни изјави за британските медиуми каде што нагласи дека планира да го игра Гандалф сè додека го држат силите и здравјето.