Затворска казна во Црна Гора за Македонката која прегази куче во Улцињ

Судот ѝ изрече 45 дена затвор на скопјанката за усмртување шарпланинец, земајќи ја предвид нејзината намалена пресметливост.

Основниот суд во Улцињ ја осуди 43-годишната Сашка Стојановска од Скопје на 45 дена затвор во Црна Гора за кривично дело убивање и мачење животни. Пресудата следува по инцидентот од 24 јули на булеварот „Теута“, каде што Стојановска со автомобил прегази куче од расата шарпланинец, кое подоцна им подлегна на повредите.

Судските списи утврдиле дека настанот се случил околу 15 часот во населбата Улцињско Поле. Стојановска управувала патничко возило „мерцедес“ кога налетала на кучето.

Според пресудата, обвинетата најмалку двапати поминала со автомобилот преку шарпланинецот. Животното се здобило со тешки телесни повреди од кои набрзо угинало на местото на настанот.

Судот оцени дека пресудата претставува општествена осуда за насилството врз животните, но при одмерувањето на санкцијата зеде предвид повеќе олеснителни околности. Околноста што пресудно влијаеше врз одлуката беше наодот на вештакот психијатар.

Вештачењето покажа дека Стојановска во моментот на делото била во состојба на битно намалена пресметливост. Судијата ги уважи и семејните прилики на обвинетата како мајка на две деца, од кои едното малолетно, како и фактот дека претходно немала криминално досие.

Отежнувачки околности не беа утврдени во текот на судската постапка. Затворската казна од 45 дена практично е при крај, бидејќи судот одреди во неа да се засмета целиот период што скопјанката го помина зад решетки.

Стојановска се наоѓа во притвор од моментот на апсењето на 24 јули во 20:30 часот, што значи дека речиси целиот изречен рок е веќе издржан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс