Здружението Форум за образовни промени (ФОП) поднесе тужба до Управниот суд против Министерството за образование и наука (МОН) поради непочитување на Законот за субвенциониран студентски оброк. Од организацијата посочуваат дека институцијата три години одбива законски да го усогласи износот со годишната инфлација, со што директно го оштетила студентскиот стандард.
Извршниот директор на ФОП, Бленди Ходаи, пред судот порача дека дневниот надоместок за храна претставува строго дефинирана законска обврска, а не лична политичка одлука на раководството на министерството.
„Оброкот не е прашање на милостина на Владата и Министерството за образование и наука, ниту пак прашање на добра волја и расположение на министерката Весна Јаневска. Дали денеска се чувствува добро и е во расположение да го покачува износот на студентскиот оброк. Тоа е законска обврска што по службена должност треба да се направи, без студентите да треба да праќаат барање за покачување на износот“, изјави Ходаи.
Тој образложи дека со ова непостапување ресорното министерство директно го прекршило членот 2.1 од матичниот закон, кој предвидува задолжително усогласување на дневниот износ со годишната стапка на инфлација.
Со поднесената тужба ФОП адресира три конкретни барања до судот: утврдување на незаконско постапување на МОН во изминатите три години, задолжување на министерството да донесе подзаконски акт за редовно усогласување на износот според инфлацијата и ретроактивна исплата на настанатите штети.
Според пресметките на младинското здружение, долгот на државата кон активните корисници на оваа мерка изнесува околу 300.000 евра. Овие средства, како што потенцираат од иницијативата, мора да бидат надоместени за да се заштити стандардот на академските граѓани, посебно во општествен амбиент каде што 38 отсто од младите се соочуваат со ризик од сиромаштија.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска минатата недела ја отфрли можноста за прекршување на законските одредби. Според нејзината позиција, обврската не е прекршена бидејќи во 2023 година износот за оброкот беше покачен за 20 денари, што во тој момент претставуваше корекција повисока од тогашната инфлациска стапка.
