ЕУ бара ТикТок да го смени алгоритмот поради ризици за менталното здравје

Според прелиминарните наоди на Европската комисија, ТикТок не презел доволно мерки за да ги заштити корисниците, особено малолетниците, од постојано изложување на слични видеа што можат да им наштетат.
Фото: Solen Feyissa/Flickr

Европската комисија на 6 ноември објави прелиминарни наоди според кои системот за препораки на ТикТок ги прекршува правилата на ЕУ од Актот за дигитални услуги. Во фокусот е рубриката „За тебе“, каде што алгоритмот може да прикажува низа видеа на иста тема, дури и кога корисникот сака да гледа нешто друго.

Комисијата предупредува дека повтореното изложување на видеа за осаменост, слабеење или незадоволство од сопствениот изглед може да влијае врз менталното здравје. Според прелиминарните наоди, опцијата „Не ме интересира“ не го намалува доволно бројот на слични препораки.


Брисел бара ТикТок да им даде поголема тежина на изборите што корисниците изречно ги прават, да ги направи поставките за препораки полесно достапни и редовно да го тестира алгоритмот. Компанијата може да одговори на наодите пред Комисијата да донесе конечна одлука. Ако се потврди прекршувањето, казната може да достигне до 6 отсто од глобалниот годишен промет на сопственикот „Бајтденс“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс