Затнат одвод? Пробајте го овој едноставен трик со состојка од кујната

За разлика од популарниот трик со сода и оцет, комбинацијата од сол и жешка вода може практично да делува врз маснотиите и талогот во одводните цевки.

Кога ќе се затне одводот во кујната или бањата, многумина прво посегнуваат по најпознатиот „природен трик“ – сода бикарбона и оцет. Комбинацијата навистина создава пена и шушкање, но тоа не значи дека секогаш го решава проблемот.

Причината е едноставна: реакцијата меѓу содата и оцетот создава јаглерод диоксид, но одводните цевки не се затворен систем. Гасот лесно излегува, без да создаде доволен притисок за да го помести затнувањето. Затоа често има многу пена, но малку реален ефект.

Како поефикасна природна алтернатива, блогерката и авторка на блогот Bren Did, Bren, препорачува обична кујнска сол и врела, но не зовриена вода.

Оваа комбинација најдобро делува кај масни и сапунести наслаги, кои најчесто се причина водата побавно да истекува во кујнските и бањските одводи. Топлата вода ја омекнува и разградува маснотијата, додека зрнцата сол делуваат како благ абразив кој помага да се отстранат наслагите од ѕидовите на цевките.

Кристалите сол имаат ситни остри рабови, па можат да помогнат во отстранување на остатоци од храна, сапун, маснотии и талог. Дополнително, солта впива влага, што може да помогне во разградување на слузавите наслаги во одводот.

Методот е едноставен: во одводот се става поголема количина кујнска сол, а потоа внимателно се истура жешка вода. Важно е водата да не биде врела до степен на вриење, особено ако цевките се пластични, бидејќи премногу висока температура може да ги оштети.

Стручњаци за водоводни инсталации исто така наведуваат дека солта, во комбинација со жешка вода, може да помогне во разградување на масни наслаги и во одржување на цевките почисти и попроточни.

Предноста на овој трик е што не бара агресивни хемикалии, е евтин и состојките најчесто веќе ги имате дома. Сепак, ако одводот е целосно затнат, водата воопшто не истекува или проблемот се повторува често, најдобро е да се повика водоинсталатер.

За редовно одржување, постапката може да се повторува еднаш месечно, за да се намали таложењето на маснотии и непријатни мириси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс