Истражување на Универзитетот Кембриџ покажува дека голем дел од комерцијалните засладувачи не се целосно „неутрални“ за организмот, туку можат да предизвикаат промени во растот и однесувањето на цревните бактерии.
Научниците во лабораториски услови тестирале 39 различни природни и вештачки засладувачи врз 25 видови цревни бактерии. Резултатите покажале дека околу три четвртини од засладувачите влијаеле врз најмалку еден вид бактерии, а кај некои случаи бил забележан и пад на бактериите поврзани со здравјето на цревата.
Особено внимание привлекле комбинациите со други супстанции што луѓето често ги внесуваат преку храната и лековите. Истражувачите откриле дека засладувачите можат различно да дејствуваат кога се комбинираат со кофеин, ванилин и одредени лекови, што може дополнително да го промени составот на цревната микрофлора.
Сепак, научниците предупредуваат дека истражувањето е направено во лабораторија, а не директно кај луѓе. Потребни се дополнителни студии за да се утврди дали овие промени имаат долгорочно влијание врз здравјето.
Истражувањето отвора нови прашања за начинот на кој ги користиме засладувачите, бидејќи тие често се присутни во пијалаци, грицки и лекови, а не се консумираат изолирано.