Заразата се шири низ 14 земји: Омилената брза храна на младите стана извор на салмонела

Европските здравствени власти лоцираа масовна зараза со салмонела поврзана со инстант тестенини од еден бренд, поради што речиси 50 лица завршија во болница.

Инстант нудлите со различни вкусови се лоцирани како главен извор на масовна зараза со салмонела која досега разболе најмалку 106 лица во 14 европски земји. Според официјалните извештаи на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) и Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC), најголемиот дел од заболените се деца и помлади лица, а поради сериозноста на симптомите дури 49 пациенти завршиле на болничко лекување.

Здравствените власти потврдија дека епидемиолошката истрага јасно ги поврзува пријавените случаи со производи од иста трговска марка. Заразата е евидентирана во Австрија, Велика Британија, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска и Шведска. Сепак, благодарение на брзата реакција и итните мерки за повлекување на производите од рафтовите во неколку држави, веројатноста за појава на нови случаи сега е драстично намалена.

Иако европските институции првично не го именуваа директно брендот, тие посочија дека бактеријата Salmonella Stanley и неколку други сродни соеви се поврзани со производител од Украина. Набрзо потоа, со официјално соопштение излезе компанијата „Reeva Foods“, потврдувајќи дека во една специфична серија од нивните инстант тестенини, произведени од украинскиот партнер „Euro Food Service“ за балтичкиот пазар, била детектирана спорната бактерија. Од компанијата нагласија дека веднаш е отворена внатрешна истрага, сомнителните серии се целосно повлечени од продажба и се спроведуваат дополнителни лабораториски тестирања и еколошки мониторинг во координација со инспекциите, со цел да се заштити безбедноста на потрошувачите.

Лекарите потсетуваат дека класичните симптоми на салмонелоза вклучуваат дијареја, висока температура, силни стомачни болки, гадење и повраќање, кои вообичаено траат неколку дена. Иако повеќето луѓе комплетно закрепнуваат во рок од една недела без посебни медицински интервенции, ваквите инфекции можат да добијат прилично тешка и опасна форма кај малите деца, постарите лица и луѓето со сериозно нарушен имунитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс