Западен Балкан не е периферија, туку срцевина на новата европска поврзаност

Коридорите 8 и 10 во фокусот на разговорите за подобро поврзување, инвестиции и нова улога на Западен Балкан во Европа.

Инвестициите во транспортот не значат само нови патишта, железници, пристаништа и аеродроми. Тие го менуваат начинот на кој Европа се поврзува, функционира и ја гради својата позиција во светот.

Ова беше една од главните пораки од Самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, кој се одржува во Солун.

На отворањето на самитот, директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, порача дека транспортот не треба да се гледа само како инфраструктура, туку како можност за подобар живот на граѓаните.

Тој истакна дека успехот често погрешно се мери преку километри изградени патишта или количина пренесена стока, иако суштината е во тоа што поврзаноста им овозможува на луѓето.

„Пациентите да стигнат до медицинска нега, студентите до образование, претприемачите до нови пазари, а заедниците да напредуваат“, нагласи Закоњшек.

Според него, целта на транспортното поврзување не е само изградба на инфраструктура, туку создавање можности. Тој оцени дека Западен Балкан не е периферија на Европа, туку „срцевина на новата европска политика за поврзаност“.

Еврокомесарот за транспорт и мобилност Апостолос Цицикостас порача дека регионот има потреба од континуирани инвестиции во железницата, патиштата, пристаништата и аеродромите.

Тој истакна дека само јавното финансирање не е доволно и дека се потребни партнерства меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.

„Само јавното финансирање не е доволно. Потребно е да се мобилизираат партнерства меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор“, порача Цицикостас.

Според него, успехот на проширувањето на ТЕН-Т мрежата ќе зависи од регионалната соработка и од ефикасноста на прекуграничното поврзување.

На самитот во Солун учествуваат претставници од седум европски држави, како и меѓународни финансиски институции.

Македонија ја претставува заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој ќе учествува на панел-дискусија за инфраструктурните приоритети и инвестициите во Западен Балкан.

Посебен фокус на дискусијата ќе биде ставен на коридорите 8 и 10, кои се меѓу клучните транспортни правци за поврзување на земјата и регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс