Заложничката драма во супермаркет во Берлин влезе во 11-ти час, а германската полиција и понатаму внимателно ја води операцијата со цел кризата да заврши без жртви. Според последните информации од германските власти, специјално обучени полициски преговарачи успеале да воспостават директен контакт со киднаперот, а разговорите продолжуваат.
Полицијата засега не открива детали за текот на преговорите, ниту дали напаѓачот поставил конкретни барања.
Мотивот сè уште е непознат
Германските власти сè уште немаат официјални информации за причината за нападот. Не е потврдено ниту дали заложничката и напаѓачот претходно се познавале, како ни дали некој од нив е повреден. Полицијата соопшти дека во интерес на безбедноста не може да споделува повеќе детали додека трае операцијата.
Германскиот весник „Билд“ објави дека менаџерот на супермаркетот пријавил дека кај напаѓачот видел огнено оружје. Сепак, полицијата засега не ги потврдува овие информации и ги оценува како непроверени наводи.
Специјалните единици ја обезбедуваат областа
Околу супермаркетот е воспоставен широк безбедносен периметар, а операцијата ја водат специјалните полициски единици SEK. Во текот на утрото, припадници на специјалните сили користеле скали за да добијат подобар увид во внатрешноста на објектот преку прозорците. Пред полицискиот кордон и понатаму се наоѓаат дел од вработените кои успеале навреме да го напуштат супермаркетот и ја следат разврската.
Полицијата нема временски рок за завршување на акцијата
Германската новинска агенција ДПА пренесува дека операцијата нема однапред определен рок. Приоритет на полицијата останува безбедното ослободување на заложничката и завршување на кризата без дополнителни последици.
„Ќе постапуваме внимателно и со максимална претпазливост“, е пораката од германските власти додека продолжуваат преговорите.