Во вториот квартал се евидентирани 2.148 закупи, што е пад од 17 проценти. Кај становите има пад и на бројот на закупи и на вкупната месечна закупнина.

Во вториот квартал од годинава во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 2.148 закупи, што претставува пад од 17 проценти во споредба со претходниот квартал.

И покрај намалениот број закупи, вкупната месечна закупнина за овој квартал изнесува 1,2 милиони евра, што е раст од 9 проценти во однос на првиот квартал.

Најмногу се изнајмувале деловни простории

Најголем дел од закупите во вториот квартал се однесуваат на деловни простори – 935 закупи, односно 44 проценти од вкупниот број.

Потоа следуваат становите со 630 закупи, или 29 проценти, куќите со 235 закупи, односно 11 проценти, како и земјоделското земјиште и шумите со 210 закупи, или 10 проценти.

Индустријата и градежното земјиште учествуваат на пазарот со по 2 проценти закупи, додека гаражите и останатите недвижности имаат по 1 процент.

Пад кај становите и куќите

Во споредба со првиот квартал од 2026 година, закупот на станови бележи пад од 14 проценти според бројот на закупени станови, додека вкупната месечна закупнина кај становите е намалена за 9 проценти.

Кај куќите е регистриран пад од 24 проценти во бројот на закупи, како и пад од 5 проценти кај вкупната месечна закупнина.

Кај деловните простори, пак, бројот на закупи е намален за 8 проценти, но вкупната месечна закупнина е зголемена за 20 проценти во споредба со првиот квартал од годинава.

Најмногу закупи во Центар, Аеродром и Карпош

Најголем број закупи се регистрирани во општина Центар – 286. Потоа следуваат Аеродром со 197, Карпош со 173 и Битола со 129 закупи.

Просечната месечна закупнина по квадратен метар станбен простор во Центар изнесува 408 денари, во Аеродром 375 денари, во Карпош 354 денари, во Кисела Вода 326 денари, а во Штип 266 денари.

Во вториот квартал се закупени недвижности со вкупна површина од 2.422.990 квадратни метри, со вкупна месечна закупнина од 76.252.047 денари.

Најголема површина е закупена кај земјоделското земјиште и шумите, додека највисока месечна закупнина е регистрирана кај деловните простори.

Според податоците од Регистарот на цени и закупнини, најмногу закупи се регистрирани во април – 776, најмалку во мај – 669, додека во јуни биле евидентирани 703 закупи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс