Законот за игри на среќа ги судри Владата и коцкарниците: Државен монопол или закана за илјадници работни места?

Предлог-законот за игри на среќа предизвика жестока дебата. Владата бара државна контрола врз онлајн обложувањето, додека коцкарниците предупредуваат на затворање објекти, губење работни места и раст на сивата економија.
Free public domain CC0 photo. More: View public domain image source here

Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој Владата го достави до Собранието во мај, отвори сериозна дебата меѓу институциите, приватниот сектор и вработените во индустријата. На јавната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет беа изнесени спротивставени ставови околу иднината на секторот, особено во делот на онлајн игрите на среќа и новите ограничувања за работа на обложувалниците и казината.

Директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, се заложи државата да го задржи ексклузивното право за организирање онлајн игри на среќа. Според него, ваквиот модел ќе овозможи поголема контрола врз пазарот, подобра заштита на играчите и дополнителни приходи за државниот буџет.

„Доколку државата ги организира игрите на среќа на интернет, средствата ќе се слеваат директно во буџетот, наместо кај странски компании“, истакна Климовски.

Од друга страна, приватните приредувачи на игри на среќа предупредуваат дека предложените решенија создаваат државен монопол и ја ограничуваат слободната конкуренција. Според нив, ваквиот пристап може сериозно да ја наруши деловната клима во секторот. Критики стигнаа и од Стопанската комора, од каде побараа законот да биде повлечен и повторно разгледан. Според нивните оценки, измените се подготвени без доволно анализи и можат да предизвикаат негативни последици и за легалните компании и за буџетските приходи.

Дополнителна загриженост изразија и здруженијата на вработени во индустријата. Тие предупредуваат дека новите правила, особено обврската објектите да бидат оддалечени најмалку 500 метри од образовни установи, практично би значеле затворање на голем дел од постојните локали.

Претседателот на здружението „Сакам да работам“, Горан Крстевски, оцени дека илјадници работници веќе подолг период живеат во неизвесност и страв за својата иднина. Правните експерти, пак, посочуваат дека одредени одредби од предлог-законот можат да бидат спорни од уставен аспект. Адвокатот Филип Стоименов предупреди дека дел од решенијата можат да се толкуваат како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, како и дека постојат нејаснотии во регулирањето на онлајн игрите и рекламирањето.

Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) наведуваат дека индустријата годишно придонесува со повеќе од 350 милиони евра во државниот буџет и обезбедува работа за десетици илјади луѓе. Тие предупредуваат дека прекумерните ограничувања би можеле да го поттикнат нелегалното приредување игри на среќа и растот на сивата економија. Дебатата околу законот продолжува, а останува да се види дали Владата ќе ги прифати забелешките на засегнатите страни или ќе остане на предложените решенија кои предизвикаа силни реакции во јавноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс