Десетици жители на Прилеп и активисти од иницијативите „Зелена Народна Стража“ и „Спас за Прилеп“ во 5 часот во неделата го спречија сечењето на стогодишниот јавор во дворот на ООУ „Кочо Рацин“. Екипите на ЈКП „Комуналец“ пристигнаа на терен во пет часот наутро со придружба од над десет полициски службеници. Ова е втор обид за отстранување на зеленилото во училиштето, откако едниот од двата јавори веќе беше исечен на барање на училишната управа.
Општинските екипи пристигнаа пред училишниот двор во пет часот наутро во недела, со цел да го отстранат стеблото пред да започне вообичаеното дневно движење низ градот. Полициското обезбедување застана наспроти собраните граѓани кои организирано излегоа да го заштитат јаворот. И покрај тоа што се ова се случуваше во раните утрински часови, граѓанскиот отпор оневозможи механизацијата да пристапи до дрвото, по што работниците се повлекоа без да ја извршат одлуката.
Во официјалниот документ за отстранување е наведено дека јаворот е целосно здрав и не претставува непосредна опасност, но одлуката се оправдува со превенција од евентуална идна штета. Активистите посочуваат дека ваквата аргументација е неприфатлива за стогодишно стебло кое обезбедува ладовина и го прочистува воздухот. Барањето за сечење потекнува од директорката на училиштето, која претходно изјави дека отстранувањето се прави со цел децата да не се лизгаат од опаднатите лисја во есенските месеци.
Прилепчани реагираат дека уништувањето на здрави стебла директно го загрозува микроклиматскиот квалитет во училишниот двор. Акутните респираторни инфекции се меѓу најчестите здравствени проблеми кај децата во Македонија, поради што зачувувањето на постоечкото зеленило е од суштинско значење за заштита на воздухот. Еколошките здруженија бараат итно поништување на одлуката за сечење, изработка на експертска процена за заштита на јаворот и одговорност за веќе исеченото прво дрво.