Крај за правилото од 30 секунди: Јутјуб ќе ги брои сите започнати видеа

Платформата воведува нова методологија според која секој пуштен видеозапис веднаш се регистрира во бројачот, израмнувајќи ги стандардните видеа со кусиот формат Шортс.

Јутјуб го менува начинот на кој ги мери прегледите на платформата. Според новите правила, секое видео ќе добие регистриран преглед во истиот момент кога ќе почне да се репродуцира, со што се укинува некогашното непишано правило гледачот да мора да остане барем 30 секунди за содржината да биде изброен.

Промената доаѓа како одговор на променетите навики на корисниците и сè поголемата популарност на кратките видеоформати. Досега, платформата применуваше различен аршин за стандардните видеа и за кусите формати (Shorts). Додека кај кратките видеа секој почеток на репродукција веднаш се броеше како преглед, кај традиционалните видеа беа потребни десетици секунди гледање за бројачот да се помести.

Со новиот систем, сите формати на платформата добиваат ист третман. Од компанијата посочуваат дека оваа прилагодување подобро ја одразува реалната интеракција на публика со содржините, без оглед на нивната должина.

Иако оваа промена навидум носи значително повисоки бројки на прегледи за сите креатори на содржини, таа нема директно да значи и повисока заработка од реклами. Системот за монетизација на Јутјуб и понатаму главно ќе се потпира врз вкупното време на гледање (watch time) и времетраењето на прикажаните огласи, а не само врз сувата бројка на започнати прегледи.

Податоците за задржување на публиката и понатаму ќе бидат клучен фактор за алгоритмот кој препорачува содржини, па видеата што се прекинуваат веднаш по почетокот нема да добијат дополнителна промоција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс