Би-Би-Си: Како студентите го урнаа Вучиќ по 14 години политичка доминација?

Од блокадите по трагедијата во Нови Сад до изборниот пораз на Српската напредна партија, студентското движење прерасна во масовен бунт против корупцијата и злоупотребата на власта. Но, пред новото парламентарно мнозинство допрва претстои тешката задача да ги спроведе ветените промени.
epa13323322 Supporters attend the final election campaign rally of the 'Student List' civic movement in Belgrade, Serbia, 22 October 2026. Serbian voters head to the polls on 25 October to elect 250 members of the National Assembly following snap elections called by the government. EPA/MARKO DJOKOVIC

Движењето што се роди од голема трагедија започна со студентски блокади на сообраќајници, а прерасна во речиси секојдневни протести и национален бунт против корупцијата и негрижата на власта. За помалку од две години, студентите успеаја да ја прекинат 14-годишната политичка доминација на Александар Вучиќ, додека поддршката за неговата Српска напредна партија (СНС) постепено опаѓаше, сè до изборниот пораз.

Вака Би-Би-Си го анализира изборниот пресврт во Србија, на кој гледа како на референдум за иднината на земјата.

Од Белград, преку Нови Сад, до Ниш, приврзаниците на студентското движење се собраа во центарот на градовите и пред седиштата на листата „Студентите победуваат“. Во објава на социјалните мрежи, студентите испратија кратка порака: „Србија е слободна“.

Еден од највпечатливите симболи на промената беше падот на таканаречениот „Ќациленд“ – шаторскиот камп на приврзаниците на Вучиќ, поставен пред 18 месеци во Пионирскиот парк, во центарот на Белград, веднаш пред зградата на српското Собрание. Собраните ги урнаа металните огради, извикувајќи: „Вучиќ си оди!“

Како студентите ја променија Србија

Иако немаа истакнати лидери ниту силна политичка инфраструктура зад себе, студентите околу листата „Студентите победуваат“ успеаја да привлечат гласачи од различни општествени слоеви, незадоволни од владеењето на Вучиќ, наведува Би-Би-Си.

На листата беа предложени кандидати за сите 250 пратенички места во српското Собрание, но меѓу нив немаше ниту еден студент.

Прв на листата беше угледниот кардиолог Илија Срдановиќ, кој минатата недела им се придружи на студентите што пешачеа кон Белград.

„Пред нашите очи се испишува нова историја. Оваа енергија повеќе не може да се запре“, порача тој.

„На граѓаните им ги нудиме основните вредности на цивилизирано општество, оние што досегашниот режим им ги одзеде“, изјави Срдановиќ за Би-Би-Си.

„Надстрешницата ја прелеа чашата“

Сè започна на 1 ноември 2024 година, кога се урна бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, вториот по големина град во Србија. Во трагедијата загинаа 16 лица.

Несреќата стана симбол на корупцијата и пропустите во земјата. Критичарите ги поврзаа недостатоците при реконструкцијата на станицата со политичката одговорност на Вучиќ, кој лично го промовираше инфраструктурниот проект.

„Уривањето на настрешницата ја прелеа чашата“, изјави за Би-Би-Си Хелена Иванов од истражувачкиот центар „Хенри Џексон сосајети“.

Според неа, трагедијата предизвикала силна емоционална реакција и ја запалила искрата за повеќемесечни протестни маршеви и акции. Движењето успеало да ги придобие граѓаните на начин на кој ниту една опозициска партија не успеала со години.

Од улични блокади до изборен пораз на СНС

Она што започна како студентски протести за правда на универзитетите и градските улици, набрзо прерасна во масовно движење низ целата земја. Му се приклучија различни делови од општеството – од земјоделци до актери и судии.

Владејачката Српска напредна партија беше сериозно разнишана. Уште во јануари 2025 година, премиерот поднесе оставка со образложение дека сака да ги „смири тензиите“. Во март истата година, Белград беше сведок на едни од најмасовните антивладини протести во својата историја.

Во меѓувреме, движењето без формален лидер се зацврстуваше преку студентските собранија и пленуми.

Кога Вучиќ минатиот месец распиша предвремени избори, студентите веќе имаа развиена организациска структура.

„Успеаја емоционалниот занес да го претворат во цврста организација и да ги обучат луѓето како да ја заштитат регуларноста на избирачките места“, објасни Иванов.

„Пораката беше кристално јасна: се бара владеење на правото, а не владеење преку законите“, изјави Гордана Делиќ, раководителка на програмата за Балканот при американскиот „Герман маршал фонд“, оценувајќи дека изборите всушност претставувале референдум за режимот.

Вучиќ првично се обидуваше да ги претстави демонстрантите како луѓе со „добри намери“, но како што се приближуваа изборите, почна да ги обвинува дека сакаат да ја „урнат Србија“.

Дури и откако во неделата навечер го призна поразот, тој изнесе тврдења дека студентите имале поддршка од неименувани „европски земји и американската длабока држава“.

Кој ќе ја води Србија?

Едно е јасно: студентите нема директно да ја преземат власта, бидејќи самите не се кандидираа на изборите. Тоа била намерна одлука – процениле дека гласачите можеби нема да им дадат доверба на кандидати со недоволно животно и политичко искуство.

Иако прв на листата е кардиологот Илија Срдановиќ, професор на Универзитетот во Нови Сад, Би-Би-Си наведува дека тој засега не се смета за извесен кандидат за премиер. На листата има малку имиња што во моментов се издвојуваат како очигледни политички лидери.

Според проценките наведени во анализата, најмалку 135 кандидати од листата обезбедиле пратенички мандати. Меѓу нив се поранешната кошаркарска ѕвезда Дејан Бодирога, кој беше на 24. место, актерот Тихомир Станиќ, на осмото место, оперскиот пејач Никола Микиќ, на 46. место, и поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, на 27. место. На листата има и голем број универзитетски професори.

Името на Шошкиќ најчесто се споменува во комбинациите за нов премиер. Тој претходно јавно зборуваше за економски резови и реформи, поради што беше изложен на жестоки напади од медиумите блиски до власта.

Што предвидува планот на новата власт?

Избраните пратеници сега треба да ја спроведат програмата на студентското движење, составена како политички манифест.

Студентите велат дека барале луѓе подготвени да влезат во институциите, „одговорно да си ја вршат работата и никогаш да не заборават зошто се испратени таму“.

Меѓу 11-те клучни точки на нивниот план се:

  • Борба против корупцијата преку формирање посебна полициска единица што ќе ги приведе одговорните за злоупотреби.
  • Реформи во Министерството за внатрешни работи, со отстранување на службениците што ги злоупотребувале овластувањата при задушувањето на протестите или соработувале со организираниот криминал.
  • Осамостојување на јавниот сервис РТС од политичката контрола на власта и воведување ред во медиумскиот простор.
  • Прекин на партиските вработувања и именувањето партиски послушници на раководни позиции во јавните претпријатија.

Вучиќ и неговата партија и натаму ги отфрлаат обвинувањата за корупција и политички притисок врз медиумите.

Иако студентите формално не влегоа во парламентот како кандидати, токму тие им ги дадоа ветувањата на граѓаните. Затоа, притисокот за исполнување на планот ќе остане врз движењето и врз луѓето што ги предложи за пратеници.

„На граѓаните што ги кандидираа им е доверена задачата дел од борбата што една година ја водевме на улиците да ја пренесат во институциите“, порачаа студентите.

Во неделата навечер, во обраќањето до своите приврзаници, Вучиќ изјави дека студентите уништиле две години од животот во Србија и им се закани дека ќе бидат поразени „побрзо отколку што мислат“.


За студентското движење, изборниот резултат е голем политички успех. Но, вистинскиот тест допрва започнува: дали ветувањата за владеење на правото, борба против корупцијата и независни институции ќе се претворат во конкретни промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс