Пукање во близина на универзитет во Флорида: 12 повредени, меѓу нив и шест деца

Најмладата жртва има 11 години, а едно лице е во критична состојба. Полицијата соопшти дека пукањето му претходело физичка пресметка меѓу неколку лица.

Најмалку 12 лица, меѓу кои шест деца, се повредени во пукање што се случило во близина на универзитетот Флорида А енд Ем, во Талахаси, главниот град на американската сојузна држава Флорида. Инцидентот се случил во саботата навечер, а локалните власти соопштија дека најмалку едно од повредените лица е во критична состојба, објави Еј-Би-Си.

Началникот на полицијата во Талахаси, Лоренс Ревел, на прес-конференција изјави дека 11 лица се здобиле со прострелни рани. Меѓу повредените има шест возрасни и шест малолетници. Најмладата жртва има 11 години.

„Најмалку тројца повредени се здобиле со тешки повреди, а едно лице е во критична состојба. Осуммина се стабилни“, изјави Ревел.

Единственото лице кое не било повредено од огнено оружје е бабата на еден од повредените. Таа се здобила со повреди додека се обидувала да избега од местото на пукањето.

Шестмина сè уште се во болница

Полицијата соопшти дека шестмина од повредените и натаму се на болничко лекување, меѓу нив и лицето кое е во критична состојба. Пет лица со прострелни рани веќе биле пуштени од болница. Истрагата е во тек, а полицијата сè уште се обидува да ги утврди одговорните за пукањето. Од граѓаните се бара да споделат какви било информации што би можеле да помогнат во расветлувањето на случајот, особено фотографии и видеоснимки од настанот.

„Ќе утврдиме што се случило, ќе ги идентификуваме одговорните и ќе побараме одговори за сите жртви, нивните семејства и сите што ги погоди оваа трагедија“, порача Ревел.

Тој нагласи дека помошта од граѓаните може да биде клучна за истрагата.

„Знаеме дека има луѓе што виделе или слушнале нешто, или можеби имаат снимки што можат да ни помогнат да утврдиме што точно се случило. Ни треба помошта на заедницата. Ниту еден детаљ не е премалку важен и ниту една информација не треба да се премолчи“, рече началникот на полицијата.

На пукањето му претходела физичка пресметка

Според полициските информации, пред пукањето дошло до физичка пресметка меѓу неколку лица во близина на раскрсницата на улиците Пери и Манати, веднаш до стадионот Брег меморијал, кој му припаѓа на универзитетот Флорида А енд Ем.

Претседателката на универзитетот, Марва Б. Џонсон, изјави дека пукањето не се случило во рамките на универзитетскиот кампус, но дека институцијата им помага на повредените членови на својата заедница. Таа не прецизираше дали меѓу повредените има студенти или вработени на универзитетот.

„Со семејството Ратлер и целата заедница на Талахаси ја споделувам огорченоста и длабоката тага поради бесмисленото и одвратно пукање што се случи синоќа во близина на нашиот кампус“, изјави Џонсон.

Таа додаде дека на студентите ќе им биде обезбедена бесплатна психолошка поддршка.


„Ваков страшен чин на насилство е трауматичен за нашите студенти, без разлика дали биле во непосредна близина на настанот или не“, порача претседателката на универзитетот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс