Сушата во Рим откри остатоци од 2.000-годишен мост на Нерон

Нивото на Тибар, која се напојува од притоки од северните Апенини, падна под 80 кубни метри во секунда, што е половина од просекот

Високите температури и долгото, суво лето им дадоа на жителите и туристите во Рим ретка можност да ги видат остатоците од мост стар речиси 2.000 години, кој некогаш се протегал преку реката Тибар, која тече низ центарот на италијанската престолнина.

Нивото на Тибар, која се напојува од притоки од северните Апенини, падна под 80 кубни метри во секунда, што е половина од просекот за ова време од годината, изјави Џовани Џиганти, координатор за цивилна заштита во Рим .

„Се соочуваме со голема криза со водата. Тоа е криза која, меѓу другото, е последица на фактот дека оваа зима имавме доста обилни врнежи од дожд, но потоа сушните периоди беа многу долги“, изјави Гиганти за Асошиејтед Прес, како што објави Би-Би-Си .

Се верува дека Нероновиот мост (Pons Neronianus) бил изграден како триумфален споменик за време на владеењето на царот Калигула, околу 39 година од н.е. Сепак, познат е како Нероновиот мост бидејќи Нерон, внукот на Калигула, преименувал голем број антички згради по себе за време на своето владеење од 54 до 68 година од н.е., според историските извори.

Мостот првично го поврзувал античкиот дел од Марсовиот кампус, каде што денес се наоѓаат Шпанските скали, Народниот плоштад и луксузните улици околу Виа Кондоти, со стадионот на Нероновиот циркус, каде што бил маченички убиен Свети Петар и каде што денес се наоѓаат базиликата Свети Петар и Ватикан.

Остатоците од мостот најдобро се гледаат од Ангелскиот мост, кој води до тврдината Кастел Сант’Анџело во близина на Ватикан.

Мостот е вообичаено целосно под вода, но оваа година се видливи цели блокови од античката структура, што им дава ретка можност на археолозите да го проучат.

Ниското ниво на водата на Тибар откри и електрични велосипеди и скутери, фрижидери, па дури и автомобил, кои се наоѓале низводно.

Последен пат остатоците од мостот беа видливи за време на слична суша во 2022 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс