Трагедија во Франција: Загина коосновачот на „Јубисофт“, човекот зад Assassin’s Creed

Клод Гијмо, еден од основачите на „Јубисофт“, загина во пад на мал авион во Франција. Компанијата стои зад светски познатите гејминг хитови Assassin’s Creed, Rayman и Just Dance.

Клод Гијмо, еден од основачите на компанијата Ubisoft, која стои зад некои од најпознатите видеоигри во светот, загина во авионска несреќа во западна Франција. Веста ја потврдија локалните власти, а несреќата се случила во петокот вечерта во близина на аеродромот Ла Бол на атлантскиот брег.

Се урнал непосредно пред слетување

Според градоначалникот на Ла Бол, Франк Луврије, двомоторен авион „Цесна 421“ се урнал на поле непосредно пред слетувањето. Во леталото покрај Гијмо се наоѓал и инструктор по летање, кој исто така загинал. Локалните власти соопштија дека двајцата биле искусни и лиценцирани пилоти.

Во тек е истрага која треба да ги утврди причините за несреќата.

Човекот што го создаде „Јубисофт“

Компанијата „Јубисофт“ ја потврди смртта на Клод Гијмо, но засега не објави дополнителни детали. Гијмо ја основал компанијата во 1986 година заедно со своите четворица браќа. Во изминатите четири децении, „Јубисофт“ прерасна во еден од најголемите светски производители на видеоигри.

Меѓу најпознатите наслови на компанијата се Assassin’s Creed, Just Dance, Rayman и серијалот Tom Clancy’s Rainbow Six, како и други игри инспирирани од делата на писателот Tom Clancy.

Смртта на Клод Гијмо претставува голема загуба за индустријата за видеоигри, бидејќи тој беше меѓу клучните личности кои помогнаа француската компанија да се издигне во глобален бренд со милиони играчи ширум светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс