Воздухот во Скопје сè позагаден, честичките се дуплираа за само една недела

Мерните станици низ градот регистрираа скок на ПМ10 честичките, а кај Ректорат измерени се дури 130 микрограми на кубен метар.

Официјалните мерни станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во Скопје денес, на 7 октомври, регистрираа значителен скок на загадувањето. Податоците од последните седум дена покажуваат дека концентрацијата на штетните честички низ скопските населби е речиси двојно зголемена во споредба со почетокот на месецот, со што скопскиот воздух повторно навлезе во нездравата зона.

Податоците од мерниот систем покажуваат континуиран раст на штетните материи од 1 октомври наваму. Додека на почетокот на месецот просечните дневни вредности на ПМ10 честичките во Гази Баба изнесуваа 18,4 микрограми на кубен метар, денес просекот достигна 37,7 микрограми.

Сличен тренд бележат и другите мерни пунктови. Во Карпош дневниот просек од 32 се искачи на над 50 микрограми, во Миладиновци скокна од 11,5 на 31,3, додека во Центар и Лисиче бројките пораснаа за речиси двојно во однос на минатата недела.

Највисоките часовни концентрации во текот на денешниот ден се забележани кај мерната станица Ректорат, каде вредностите на ПМ10 честичките достигнаа врв од 130,07 микрограми на кубен метар.

Високи максимални вредности денес бележат и останатите мерни точки во градот. Во Карпош се измерени до 85,1 микрограми, во Центар 69,3, во Лисиче 68,8, а во Гази Баба максималната вредност достигна 61 микрограм на кубен метар.

Кај ситните честички ПМ2.5, највисока вредност денес измери станицата во Гази Баба со 49,2 микрограми, додека во Карпош се регистрирани 40,2 микрограми на кубен метар.

Платформата IQAir денес го лоцираше Скопје во умерено загадената зона, со жолт индекс на речиси целата градска територија. Највисоки локални индекси на мапата покажуваат мерните точки околу Железара со индекс 124, Карпош и Влае со 97 и 94, како и Мичурин со индекс 86. Почист воздух со зелени индекси на платформата бележат само мерните сензори во Гази Баба со индекс 31 и дел од Ново Лисиче со индекс 23.

е-Трн да боцка во твојот инбокс