Извештајот за проценка на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење на Институтот за јавно здравје покажуваат дека постојат многу потенцијални или директни загадувачи на Охридското Езеро.
Во извештајот се издвојуваат хотели и угостителски објекти, туристички населби, но и приватните куќи кај Сараиште, Канео и црквата „Св. Софија”, како и селските населби Трпejца, Љубаништа и Радожда.
За заштита на езерото изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителна станица во село Враништа. Проблемот е што голем број објекти сè уште не се приклучени на тој систем. Тоа се однесува на хотелско-угостителските објекти и туристичките населби долж целото крајбрежје, од хотел „Десарет” до Свети Наум, како и на потегот од Струга до село Радожда. На целиот тој потег, единствено хотелот „Макпетрол” е приклучен на колекторскиот систем, преку линијата од село Радолишта, хотел „Бисер” и село Калишта. Приватните куќи долж целиот брег, како и селата Трпejца, Љубаништа и Радожда, користат септички јами, кои во Радожда, според извештајот, или директно се празнат во езерото, или понираат во него од непосредна близина на плажата.
Посебно загрижувачки е случајот со Свети Наум, каде канализацискиот систем изграден во 2013 година не функционира целосно. Постои дробилка за фекалии, но нема филтри ниту хлорирање пред испуштањето во езерото, што директно го загадува езерото. ИЈЗ дополнително ги идентификува како загадувачи и испустните цевки за атмосферски води во кои се приклучени фекални отпадни води, шанковите поставени директно на плажите, како и базените во склоп на угостителски објекти.
И покрај сите идентификувани извори на загадување, лабораториските анализи направени во периодот мај-јуни оваа година покажуваат дека езерската вода е безбедна за капење и се класифицира во прва класа. Единствен исклучок е мерното место Грашница, каде водата од испуст на атмосферска вода е оценета во трета класа и не ги исполнува микробиолошките критериуми. На повеќето останати мерни места квалитетот е оценет како „одличен”, со исклучок на хотел „Ројал”, Лабино и каналот Студенчишта, каде водата е класифицирана како „добра”.
ИЈЗ препорачува итно отстранување на дефектите во постојниот колекторски систем, спречување на мешање на фекалната и атмосферската канализација, и приклучување на сите објекти долж крајбрежјето, од Свети Наум до Радожда.
Институтот истовремено соопшти дека Преспанското Езеро останува без забележани загадувачи, додека кај Дојранското Езеро главен извор на загадување се пестицидите и ѓубривата од земјоделските површини во околината, покрај отпадните води од викенд населбите.