Чадот од големите пожари во Франција и Шпанија донесе опасно високи концентрации на штетни честички, поврзани со заболувања на белите дробови и срцето.
Пожарите што изминатите денови беснеат во Франција и Шпанија изложија милиони луѓе на опасно загаден воздух, предупредуваат научници. Чадот од пожарите носи штетни честички кои можат да ја нарушат квалитетата на воздухот и на стотици километри оддалеченост.
Најголема загриженост предизвикуваат честичките PM2.5, кои се поврзуваат со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, рак на белите дробови и респираторни проблеми. Според климатологот Теодор Кипинг од Империјал колеџ во Лондон, повеќедневната изложеност на овие честички може сериозно да влијае врз здравјето.
Податоците од европската програма „Коперникус“ покажуваат дека во Бордо и околните региони нивото на загадување достигнало повеќекратно повисоки вредности од препорачаните. Високи концентрации се измерени и во други делови на Франција и Шпанија, бидејќи чадот се проширил на голема површина.
Научниците предупредуваат дека климатските промени создаваат потопли и посуви услови, што придонесува пожарите да бидат почести, поинтензивни и потешки за контролирање. Истовремено, согорувањето на шумите ослободува големи количества јаглерод диоксид, дополнително забрзувајќи го глобалното затоплување.