Пред премиера, претставата „Таткото“ ќе оживее преку заедничко читање

На настанот ќе присуствуваат режисерот Иван Поповски и дел од актерската екипа, а публиката ќе може одблиску да слушне како драмскиот текст се претвора во театарска претстава.

Што се случува кога една драма ќе почне да живее уште пред да стане претстава? Оваа среда публиката ќе има можност да биде дел од заедничко читање и разговор околу драмата „Таткото“ од Флоријан Зелер, текстот според кој се подготвува истоимената претстава во режија на Иван Поповски.

Претставата, со Бајруш Мјаку во главната улога, ќе ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“.

Наместо публиката да ја чека премиерата, настанот тргнува од почетокот – од самиот драмски текст. Предвидено е заедничко читање, разговор, поставување прашања и отворање различни значења на делото.

На настанот ќе присуствуваат режисерот Иван Поповски и дел од актерската екипа, што ќе биде ретка можност публиката одблиску да слушне како една драма постепено се претвора во театарска претстава.

Организаторите најавуваат дека посетителите можат само да присуствуваат и да слушаат, но и да се пријават за читање. Не е потребно претходно искуство, туку само желба за учество. Во драмата има три женски и три машки улоги, а доколку има потреба, учесниците ќе се менуваат.

Настанот е бесплатен, а доколку временските услови дозволат, читањето ќе се одржи под отворено небо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс