Забрчанец: Спојот на алгоритмите со автентичниот контакт на терен е новата формула за доверба

Забрчанец отвора различна перспектива за односот меѓу два концепта кои јавноста често ги доживува како спротивни: отвореноста и комуникацискиот популизам

Брзиот развој на дигиталната технологија, подемот на социјалните мрежи и промените во начинот на кој граѓаните ги примаат информациите наметнаа потреба од темелно преиспитување на менаџирањето со односите со јавноста. Процесите на терен покажаа дека традиционалните комуникациски модели веќе не се доволни во ера на комплексни општествени трансформации. Во интервјуто за онлајн порталот 48часа.мк, Марјан Забрчанец, комуникациски експерт, сподели неколку суштински согледувања за комуникациските текови, осврнувајќи се на реалните предизвици и научените лекции.

Едно од клучните согледувања изнесени во разговорот се однесува на вистинската природа и лимитите на транспарентноста. Во практиката често се потврдува дека самата отвореност, доколку е изолирана и сведена само на техничко објавување податоци, не е доволна за да се запрат дезинформациите и хибридните напади.

„Мора да бидеме реални и да кажеме дека транспарентноста не е изборна алатка која им носи гласови на партиите на избори. Траснпарентноста е институционален стандард кој ги прави институциите подобри, а услугите за граѓаните поквалитетни“, појаснува Забрчанец. За отвореноста да го има полниот ефект во одбрана на јавниот интерес, таа мора да оди во пакет со три клучни столбови: брза реакција на манипулациите, соодветни ресурси за емитување на пораките засновани на факти и континуирана долгорочна едукација на населението за медиумска писменост.

Сурова вистина: Транспарентноста не купува гласови, но гради систем

Забрчанец отвара поразлична перспектива за односот меѓу два концепта кои јавноста често ги доживува како спротивни: отвореноста и комуникацискиот популизам. Според него, овие две појави не мора по секоја цена да се исклучуваат меѓусебно. Напротив, во современоста речиси и не постои победник на избори кој на некаков начин не се послужил со одредена доза на комуникациски популизам.

Може да бидете транспарентни, а истовремено да користите поедноставни, директни пораки со цел информациите да стигнат побрзо и поразбирливо до луѓето. Популизмот станува деструктивен кога се користи за криење на вистината, но неговите алатки за поедноставување на јазикот се неопходни за успешно пренесување на фактите во презаситен јавен простор.

Комуникациски бумеранг: Креирањето пренагласен оптимизам води до колективно разочарување

Како исклучително важна лекција за секој стратешки процес е лоцирано менаџирањето со општествените очекувања. Креирањето пренагласен оптимизам за комплексни системски реформи како на пример “враќањето на правдата”, без прецизно дефинирање на реалните капацитети на сите независни чинители, секогаш создава комуникациска ранливост и води кон реакција на незадоволство. Комуникацијата мора да биде воздржана и објективна, јасно раздвојувајќи ја силната волја за промени од бавноста на системските лавиринти на терен.

Излегување од дигиталниот кафез: Алгоритмите треба да ги споиме со теренската битка

На крајот, во интервјуто за 48часа.мк беше потенциран и ризикот од потпирањето исклучиво на социјалните мрежи, кои често создаваат ехо-комори и лажен меур за јавното мислење, додека тивкиот мнозински дел од граѓаните останува надвор од алгоритмите.

„Дигиталните комуникации и вештачката интелигенција никогаш нема целосно да ги заменат традиционалните алатки како што се средбите со граѓани, одењето врата до врата и малите маалски форуми“, вели Забрчанец.

Формулата за успешна соработка со јавноста лежи во хибридниот пристап: паметна имплементација на напредните технолошки алатки, но строго комбинирана со живиот, автентичен и директен контакт на терен. Доколку некој се откаже од традиционалните методи на сметка на дигиталниот свет, тој на долг рок ќе губи, додека оние кои паметно ќе ги комбинираат двата пристапи – ќе победуваат во битката за доверба кај граѓаните

е-Трн да боцка во твојот инбокс