Search
По обилните врнежи во Македонија

За да се создаде ново плодно земјиште потребни се илјадници години

Распукнатиот асфалт и дупките на улиците, оштетените автомобили и куќи и по десетина дена од невремето во делчевско се уште сведочат за моќта на природата. Скоро нигде да не е останат насад од домат и пиперка по дворовите на делчевци. Пусти се и нивите во регионот. Природната непогода која му се случи на истокот, на осми јуни, направи вистински пустош. Земјоделското производство во овој крај е уништено во целост. Наместо житни и градинарски култури сега на нивите има наноси од секакво ѓубре.

Експертите се загрижени што физичкиот отпад не е единствениот. При вакви обилни врнежи во длабоките слоеви на почвата се таложат и секаков вид на токсични материи. Сепак среќна околност, сметаат познавачите, е што во близина на делчевскиот регион нема активни рудници или големи загадувачи.

„Од цела нива сега една рака жито не може да се собере. Се што имаше е однесено“, вели Стојан Трајковски додека ги отстранува отпадоците од пластика кои ги донела водата на неговата нива.

Трајковски е само еден од оштетените земјоделци. За жал, и неговата нива како и на многумина земјоделци не била осигурана. На цела мака на шега вели добро е што нивата му е на место.

Според експертите вакви временски непогоди се последица на климатските промени. Но од друга страна потенцираат дека моменталните временските услови им годат на раните култури, па до некаде и на летните како пченката. Укажуваат дека во оние региони каде нема поплави се очекува добар принос, а таму каде што земјиштето е погодено од водени ерозии ќе следува долг период на обнова.

„При високи температури доаѓа до зголемено разложување на органската материја и се губи плодноста на земјиштето. Меѓутоа, за жал, оваа година разговараме за една друга појава која е дел од климатските промени, а тоа се поплавите. Во такви ситуации кога имаме поплави од локален карактер најголем проблем е водената ерозија“, вели Проф. д-р Ордан Чукалиев од Катедра за води и заштита од ерозија при Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје.

Апелира до земјоделците да фрлат големи количини на органско ѓубриво како би ја подобриле плодноста на земјиштето за следната сезона. Но дециден е дека се потребни илјадници години за природата сама да се регенерира после еден таков шок.

„За да се создаде ново земјиште потребни се илјадници години. Во поплавените подрачја скоро е ненадоместлива штетата од аспект на квалитет на почвата. Може да се додаваат органски материи со кои ќе се интензивира хумификацијата, меѓутоа не може да се очекуваат брзи резултати. Ние во земјоделието многу веруваме во органската материја. Арското ѓубриво помага, но пред да се фрли мора да се исчисти нивата. На тие ниви каде што има депозит, наноси од секаков отпад, мора да се исчисти. Сето тоа ѓубре кое сте го гледале во околината ќе заврши на тие ниви. По темелното чистење треба да се фрлат големи количини на арско ѓубре со цел да се активира микробиолошката активност и да почне процесот на само обновување на земјиштето“, вели проф. д-р Чукалиев.

Најпогодени се регионите на долно сливно подрачје

Познавачите на приликите посочуваат дека при водените ерозии доаѓа не само до оштетување на обработливото земјиште туку и до негово дополнително загадување. Најголемиот проблем при такви природни непогоди е што целиот материјал кој го носи водата се таложи во ниските сливови каде се прави непроценлива штета.

„Дождовната капка кога удира во почвата ја разбива нејзината структура и се одвојуваат честички. Тие честички почнуваат да се движат со водата. Како што се зголемува количината на водата во еден слив така доаѓа до се поголема количина на одвоени честички. Водената ерозија носи почва која се депонира во долното сливно подрачје. Тоа значи дека не само што во горните делови се губи квалитетна почва туку во долните се таложи поплавен материјал. Тој вклучува не само почва туку целото ѓубре кое го собрала водата. За жал, кај нас во сливните подрачја имаме загадувања и од биолошки и од хемиски, а секако и од физички материјал“, објаснува Проф. д-р Чукалиев.

Над Европа на почетокот од јуни се јавува транспорт на воздух од Медитеранот

Моменталните временски промени се последица на климатските промени, објаснуваат климатолозите. Посочуваат дека се работи за циклонална состојба во атмосферата која се случува на крајот на мај и почетокот на јуни над Европа.

„Всушност доаѓа до транспорт на воздух од Медитеранот со нестабилна стратификација и доаѓа до тоа што ни се случува“, објаснува д-р Пеце Ристевски, дипл.метеоролог, експерт за климатологија и пременета метеорологија. Според него причините за изразените климатски промение се ефекетите на стаклената градина.

„Елементи на стаклената градина се CO2 во атмосферата, хлорофлуро карбонати како и други загадувачки материи кои влијаат на енергетскиот и топлинскиот биланс во атмосферата. Во наредниот период сите сценарија кои се правени преку Меѓународниот панел за климатски промени мора да се применат како би се ублажиле последиците. Тоа подразбира промена на енергетскиот биланс. Ние како мала земја ги чувствуваме ефектите од климатските промени, но и можеме да придонесеме кон нивно намалување“, заклучува д-р Пеце Ристевски.

И покрај штетите од невидени размери Стојан Трајковски од делчевско и утре повторно ќе оди на нивите. На едни ќе ја чисти пластиката, камењата и гранките, на други ќе расфрла органски материи со надеж дека догодина тоа што ќе го засее како тој така и другите земјоделци на есен ќе го ожнее и собере како род.

Најново

Последни колумни