Microsoft конечно го поправа најиритантниот дел од Windows 11

По години критики, Microsoft тестира враќање на подвижната лента со задачи, покомпактни верзии и поприлагодливо Start мени.

За многу корисници, лентата со задачи во Windows 11 отсекогаш делувала чудно ограничувачки. Microsoft го редизајнираше интерфејсот за да изгледа почисто, помодерно и поедноставно, но во тој процес избриша неколку опции за прилагодување што корисниците ги користеа со години. Една од најголемите забелешки беше невозможноста лентата со задачи слободно да се преместува низ екранот.

Сега Microsoft, конечно, изгледа е подготвен да попушти.

Компанијата почна да тестира поголема промена на лентата со задачи и Start менито за корисниците вклучени во Windows Insider програмата, во Experimental каналот. И ова, барем засега, изгледа како признание дека корисниците не сакаат компјутерот да им изгледа само „чисто“, туку и да го чувствуваат како свој.

Windows 11 повторно станува пофлексибилен

Најголемата промена е враќањето на подвижната лента со задачи. Наместо да биде заклучена само на долниот дел од екранот, корисниците во тест-верзијата сега можат да ја постават горе, лево или десно. На прв поглед, ова можеби звучи како мала козметичка промена, но за долгогодишните корисници на Windows е прилично големо враќање назад кон нешто што системот веќе го имаше.

Претходните верзии на Windows со години овозможуваа ваква флексибилност, пред Windows 11 да реши дека поедноставувањето значи и помалку избор за корисниците.

Microsoft тестира и различни големини на лентата со задачи, вклучувајќи и покомпактна верзија, што може да биде особено корисно за помали лаптопи и таблети, каде секој сантиметар од екранот значи повеќе простор за работа.

Промени добива и Start менито. Според најавите, корисниците ќе можат да ја менуваат неговата големина и да избираат помал или поголем распоред, во зависност од тоа како сакаат да ги организираат апликациите и кратенките.

Microsoft конечно слуша што им пречи на корисниците

Освен визуелните промени, Microsoft се обидува да го расчисти и Start менито од делови што многу корисници ги сметаа за непотребни или пренатрупани. Новите контроли ќе овозможат избор кои секции ќе се појавуваат во менито, меѓу нив закачените апликации, препораките и листата со апликации.

Интересно е што Microsoft ја преименува и секцијата „Recommended“ во „Recent“. Тоа е мала, но логична промена, бидејќи оваа секција главно прикажува неодамна користени датотеки и новоинсталирани апликации. Старото име звучеше нејасно, како Windows да знае подобро од корисникот што му треба.

Има и неколку помали, но практични промени поврзани со приватноста. Корисниците ќе можат да ја сокријат профилната фотографија и името на профилот од Start менито, што може да биде корисно при презентации или споделување екран.

Microsoft најавува дека овие промени ќе стигнат до Insider тестерите во следните недели. Поважно од самите копчиња и менија е тоа што компанијата јавно признава дека Start менито и лентата со задачи се местата преку кои корисниците најмногу го оценуваат Windows.

По години критики дека Windows 11 е премногу затворен и ограничен во споредба со претходните верзии, оваа промена изгледа како Microsoft конечно да сфатил дека модерниот дизајн не треба да значи помалку контрола за корисникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс