WhatsApp започна со воведување нова функција што им предлага на корисниците да испратат фотографии и видеа снимени или зачувани во последно време, директно во разговорите. Новината постепено станува достапна за корисниците на Андроид и АјОС, а целта е да се поедностави споделувањето мултимедијални содржини.
Како што објавува порталот ВАБетаИнфо, функцијата може да се појави на два начина. Во првиот случај, по отворањето на разговорот, над полето за пишување порака се појавува мал прозорец со минијатурен приказ на последната фотографија или видео од галеријата. Во вториот случај, иконата за камера привремено се заменува со минијатура од таа содржина.
Сепак, допирањето на предложената фотографија или видео не значи дека содржината автоматски ќе биде испратена. Наместо тоа, се отвора уредувач во кој корисникот може да ја прегледа, да додаде опис или налепница, а дури потоа да ја испрати. На овој начин WhatsApp сака да го забрза споделувањето содржини, но и да ја намали можноста за случајно испраќање фотографии и видеа, што би можело да биде особено непријатно кога станува збор за приватни содржини.
