Српскиот претседател Александар Вучиќ повторно ја отвори можноста за оставка од функцијата, најавувајќи дека тоа би можело да се случи во следните неколку месеци.
Во интервју за Радио Белград, Вучиќ рече дека веќе почнал да ги пакува книгите од претседателскиот кабинет и дека дел од нив ќе ги донира на институција што допрва ќе ја избере.
„Почнав да ги пакувам книгите од претседателството. Ќе донирам 1.200 што ги добив за време на мојот мандат“, изјави Вучиќ.
Тој рече дека не зборува за скратување на мандатот, туку за оставка. Претходно, Вучиќ изјави дека ако поднесе оставка, според Уставот, во рок од 90 дена мора да бидат распишани избори.
Вучиќ најави дека избори ќе има „за неколку месеци“, но не во јули или август. Според него, прашање е дали тие ќе се одржат за три или за четири месеци, што го нарече „техничко прашање“.
Тој најави и дека на 27 јуни во Белград ќе биде претставена листата на Српската напредна странка за претстојните избори, заедно со програмата и новото име на изборната листа.
Српскиот претседател не ја исклучи можноста самиот да биде кандидат за премиер, велејќи дека секојдневно размислува за таков чекор. Најави дека идниот кандидат за претседател на Владата ќе биде „поодговорен, пообразован и поенергичен“.
Вучиќ и претходно ја спомена можноста за оставка, велејќи дека „можеби наскоро“ ќе ја напушти претседателската функција, но без да соопшти конкретен датум.